• сабота, 18 мај 2024

Ѓоргиевска: Телесната автономија е основно човеково право, но за многу жени и девојки во светот останува неостварливо

Ѓоргиевска: Телесната автономија е основно човеково право, но за многу жени и девојки во светот останува неостварливо

Скопје, 5 октомври 2023 (МИА) - Првата дама Елизабета Ѓоргиевска денеска беше домаќин на регионалната конференција на високо ниво, „Моќта на изборот: Остварувајќи телесна автономија кај жени и девојки“. Конференцијата се одржува во соработка со Фондот за население на Обединетите Нации - УНФПА, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.

На отворањето на конференцијата, свое обраќање имаше првата дама Елизабета Ѓоргиевска, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, регионалната директорка на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија Флоренс Бауер, постојаната координаторка на ОН во Северна Македонија Росана Дуџак, како и Диене Кеита, заменик-директорка на УНФПА.

Телесната автономија е основно човеково право, рече Ѓоргиевска, а сепак како такво за премногу жени и девојки ширум светот останува неостварливо. Овој настан е од огромна важност, додаде таа, бидејќи има за цел да поттикнува дијалог и да ги засили гласовите на оние кои се долго време маргинализирани.

-Овде сме да слушаме, учиме и да трасираме пат напред кој ќе ја почитува и ќе ја поддржува автономијата, достоинството и правата на жените и девојките. Фондот за население на Обединетите нации, нашиот ценет партнер во овој потфат, е во првите редови кога станува збор за застапување на правата и девојките ширум светот. Заедно ќе работиме неуморно за да осигураме дека моќта на изборот е реалност за сите, без оглед на нивното потекло и околности, заклучи Ѓоргиевска.

На воведната сесија се обрати и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, каде истакна дека само со заедничка работа и долгогодишно искуство може да се постигне успех.

-Не се работи за тоа дека ова е мојата омилена тема за дискусија и не се работи за тоа дека мојата долгогодишна посветена работа и експертиза може да придонесе кон решавање на предизвиците со кои се соочуваат жените. Туку се работи за текот на борбата, која води еден чекор напред и потоа нѐ тера да ги преиспитаме, зацврстиме и повториме сите претходни чекори, за да бидеме сигурни дека патот кој го трасираме не е само една убава слика пред граѓаните, туку бенефит за секој од нив, рече Тренчевска.

Таа додаде дека еден од првите чекори кои ги направи оваа Влада беше промената на Законот за прекин на бременоста, овозможувајќи и го правото на жената да одлучува за своето тело.

-Жал ми е што вакво основно човеково право треба да го наведеме како успех, жал ми е што е потребна законска измена за да и гарантираме на една жена дека има право и дека заслужува да одлучи за себе. Меѓутоа со раководство кое препознава и работи на измени кои гарантираат слободно живеење во сопствената држава не се плашам за прашањето за имплементирање на еднаквите можности и на жените и на мажите, рече Тренчевска.

На последниот панел на конференцијата, што започнува во 16 часот, ќе се обратат Арманда Бегај, сопруга на албанскиот претседател, Мирела Беќировиќ, сопруга на членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Тамара Вучиќ, сопруга на српскиот претседател и Алеш Мусар, сопруг на претседателката на Република Словенија. Преку видео порака ќе се обратат и сопругите на претседателите на Република Хрватска и на Украина, Сања Мусиќ- Милановиќ и Олена Зеленска.

На конференцијата присуствуваат околу 100 претставници од државата и од регионот на Источна Европа и Централна Азија, ООН, меѓународната заедница, креатори на политики, жени лидери, претставници/чки на граѓанското општество, на младите, експерти и други засегнати страни. /ра

Фото: Претседател на Република Северна Македонија

Остани поврзан