• петок, 22 ноември 2024

Прашалник од МОН до наставниците и јавноста дали да има пролетен распуст во учебната 2024-2025 година

Прашалник од МОН до наставниците и јавноста дали да има пролетен распуст во учебната 2024-2025 година

Скопје, 10 јули 2024 (МИА) - Министерството за образование и наука ќе ги консултира училиштата и  јавноста дали и наредната учебна 2024-2025 година да има пролетен распуст за основците и средношколците кои првпат пролетен распуст имаа во учебната година што заврши.

МОН во соопштение наведува дека поради различни ставови околу потребата од пролетен распуст испратило прашалник до училиштата, достапен на линкот, со цел сите засегнати – наставници, ученици, родители/старатели да го дадат своето лично мислење. 

-Со оглед на различните ставови во јавноста по однос на пролетниот распуст во основното и средното образование минатата учебна година, а со цел на транспарентен начин да се одлучи дали да се организира и во учебната 2024-2025, министерството испрати прашалник до училиштата. Во тек е изработка на календарите за организација на работата на основните и на средните училишта во учебната 2024-2025 година и за успешно заокружување на процесот, од голема важност е мислењето на пошироката јавност околу тоа дали е потребно организирање пролетен распуст, информира МОН.

Министерството притоа посочува дека ако и догодина има пролетен распуст, наставната година во учебната 2024/2025 година би завршила на 13 јуни 2025, а доколку се одлучи да нема пролетен распуст - ќе заврши на 10 јуни 2025. 

Со одлука на Владата и МОН, учениците во основните и во средните училишта минатата година првпат имаа пролетен распуст, кој беше организиран од 29 април заклучно со 6 мај 2024. Основците првпат имаа продолжена учебна година, која заврши на 17 јуни, а за средношколците учебната година заврши на 10 јуни 2024. хс/са/ 

Фото: принтскрин од прашалник на МОН

Остани поврзан