Пратеничката Салиу-Фетаи учествува на настанот „91-годишнината од правото на избор и избирање на турската жена"
- Пратеничката Имрлије Салиу-Фетаи, на официјална покана од Џигдем Ердоѓан, претседателка на Комисијата за еднакви можности меѓу жените и мажите учествуваше на меѓународниот настан организиран под покровителство на претседателот на Големото Национално Собрание на Турција, по повод 91-годишнината од правото на турските жени да избираат и да бидат избрани.
Скопје, 4 декември 2025 (МИА) - Пратеничката Имрлије Салиу-Фетаи, на официјална покана од Џигдем Ердоѓан, претседателка на Комисијата за еднакви можности меѓу жените и мажите учествуваше на меѓународниот настан организиран под покровителство на претседателот на Големото Национално Собрание на Турција, по повод 91-годишнината од правото на турските жени да избираат и да бидат избрани.
Како што информираат од собраниската прес-служба, официјалната програма почна на 3 декември со прием на странските делегации и сместување во Анкара.

Делегациите денеска биле пречекани во просториите на Големото Национално Собрание на Турција, каде програмата опфатила мини-концерт од уметници – жени од Државната Опера и Балет, обраќања од високи турски претставници, меѓу кои: највозрасната пратеничка Имрен Ајкут; претседателката на Комисијата за еднакви можности меѓу жените и мажите; Џигдем Ердоѓан и министерката за семејни и социјални прашања, Махинур Оздемир Гокташ.
По настанот, пратеничката присуствувала на отворањето на изложбата „Жени лидери“, по што остварила официјални средби помеѓу странските делегации и Џигдем Ердоѓан, во објектот за односи со јавност во турскиот Парламент.
Попладне, делегациите биле пречекани на официјална вечера организирана во чест на меѓународните гости.
Пратеничката Имрлије Салиу-Фетаи ја истакнала историската важност на оваа годишнина и потребата за продлабочување на соработката во областа на родовата еднаквост, како и улогата на жените во демократските процеси и општествениот развој.

-Ми претставува голема чест да ја претставам мојата земја на ваков значаен настан. Примерите на турските жени нè потсетуваат дека напредокот е можен само кога жените и девојките имаат простор и моќ да донесуваат одлуки, изјавила пратеничката Салиу-Фетаи.
Настанот продолжува утре со други протоколарни средби и активности на високо ниво. Во текот на овој ден е предвидена и посета на Мавзолејот на Ататурк, еден од најзначајните историски и симболични споменици на Република Турција. фф/дма/
Фото: Собрание