• петок, 05 декември 2025

Пратениците Ристески, Битиќи и Демири на 12. Пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ во Тирана

Пратениците Ристески, Битиќи и Демири на 12. Пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ во Тирана

Скопје, 10 јуни 2025 (МИА) - Собраниска делегација во состав Петар Ристески, Фатмир Битиќи и Илир Демири, членови на Делегацијата во Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), учествува на Дванаесеттата пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ, што се одржува од 8 до 10 јуни 2025 година во Тирана, во рамките на Албанското претседателство со ПСЈИЕ. На сесијата учествуваат претставници на 11 земји учеснички во ПСЈИЕ, како и на Советот за регионална соработка и на Балтичкото собрание.

-На 9 јуни, пратениците Ристески, Битиќи и Демири учествуваа на седницата на Постојаниот комитет и на одделните седници на трите комисии на ПС на ПСЈИЕ за социјален развој, образование, истражување и наука; за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка и за економија, инфраструктура и енергија, информира собраниската прес-служба. 

Пленарната седницата што се одржува денеска ја отворила Елиса Спиропали, претседателка на Парламентот на Албанија, која нагласила дека парламентарно претседателство со Процесот своите активности ги фокусирало на интензивирањето на парламентарниот дијалог и унапредувањето на соработката во регионот, особено во врска со подобрувањето на меѓусебната поврзаност.

Игли Хасани, министер за Европа и надворешни работи на Албанија и претседавач на ПСЈИЕ пред пратениците ги презентирал активностите на Албанското претседателство со ПСЈИЕ, кое се одвива под мотото „Обликување на нашата европска иднина“, со шест главни приоритети: европска интеграција, безбедносна соработка, раст на економијата, туризам и култура, меѓусебна поврзаност и транспорт и соработка во здравството.

Главна тема за дискусија на пленарната седницата е „Парламентарна соработка за подобрување на регионалната меѓусебна поврзаност во Југоисточна Европа“.

-Во дискусијата учествуваше пратеникот Петар Ристески, кој го истакна значењето на парламентарната соработка во унапредувањето на регионалната поврзаност, потенцирајќи дека таа не претставува само инфраструктурен предизвик, туку симболизира заедничка аспирација за просперитет, мир и интеграција во поширокиот европски и глобален контекст. Тој нагласи дека нашата земја има стратегиска географска позиција што нè прави природен мост помеѓу Централна Европа и Медитеранот, помеѓу Јадранот и Црното Море, а нашата визија е да станеме дигитален, енергетски и логистички центар во регионот. Тој се осврна и на неодамна потпишаниот договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, кој претставува нов модел на меѓународна соработка и директно ги поддржува целите за регионална поврзаност, особено преку развој на транспортна, дигитална и енергетска инфраструктура, нагласуваат од македонското Собрание.

Пратеникот Ристески ја потенцирал улогата на парламентите како глас на народот во обезбедување транспарентност, отчетност и ефективност на инфраструктурните проекти. Тој повикал на унапредување на парламентарната соработка во рамките на ПСЈИЕ, со цел за координирана регионална визија за поврзана, иновативна и просперитетна Југоисточна Европа.

Се очекува Дванаесеттата пленарната сесија на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ да заврши со усвојување на Финална декларација.

Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, во кое членуваат парламентите на земјите на Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Молдавија, Романија, Северна Македонија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора своите цели и задачи ги базира на принципите на регионална сопственост и европска интеграција. Парламентарното собрание игра значајна улога во промовирањето на парламентарното учество и олеснувањето на интерпарламентарниот дијалог и соработка во регионот, како и во поттикнувањето на процесот на интеграција во Европската унија. сст/дма/

Фото:  Собрание на РСМ

 

Остани поврзан