• вторник, 23 јули 2024

Пратениците во новиот холандски парламент ќе положат заклетва

Пратениците во новиот холандски парламент ќе положат заклетва

Хаг, 6 декември 2023 (МИА) – Новиот холандски парламент денеска ќе ја одржи првата седница, две недели по изборите на кои победи десничарскиот популист Герт Вилдерс, јави ДПА.

Разговорите за формирање коалиција продолжуваат без јасна индикација за тоа кој би можел да го наследи премиерот Марк Руте, кој се повлекува од политиката по 13 години на функцијата.

Вилдерс освои повеќе од 23 отсто од гласовите и 37 места во Долниот дом на парламентот од 150 места. Неговата антиисламска Партија на слободата ќе треба да најде уште најмалку двајца коалициски партнери за да има мнозинство во парламентот.

Вилдерс претпочита да коалицира со Народната партија за слобода и демократија (НПСД) на Руте (со 24 места), новата централнодесничарска партија Нов социјален договор (со 20 места) и популистичкото Фармерско-граѓанско движење (со 7 места). Но, НПСД и Новиот социјален договор засега ги отфрлаат неговите предлози.

Сепак, НПСД изрази подготвеност да прифати малцинска влада предводена од Партијата на слободата. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан