• понеделник, 23 декември 2024

Празникот Рамазан Бајрам го честитаа градоначалниците од дебарскиот регион и СМИР

Празникот Рамазан Бајрам го честитаа градоначалниците од дебарскиот регион и СМИР

Дебар, 10 април 2024 (МИА) - Градоначалниците на Дебар, Маврово и Ростуше и на Центар Жупа и Сојузот на Македонците со исламска религија (СМИР) до сите верници во регионот и иселениците, упатија честитка по повод големиот празник Рамазан (Фитр) Бајрам.

- После едно долго патување со постење и трпеливост, стигнавме до крајот на светиот месец Рамазан. Празникот на Фитр Бајрам е крунисување на сето она што го поминавме во име на семоќниот Создател. Со целото мое срце и душа, им посакувам среќен Фитр Бајрам на сите граѓани на општина Дебар, на нашинците во странство и на сите верници во светот. Посакувам мир, здравје и благосостојба, стои во честитката на дебарскиот градоначалник Хекуран Дука.

Градоначалникот на општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски честитка упати од негово лично име и во име на советот и администрацијата на општината.

-Почитувани сограѓани од нашата општина и држава и од нашата дијаспора. Нека е за многу години Фитр Бајрам! Ви посакувам добро здравје, радост и среќа во вашите семејства. Фитр Бајрам е денот на наградата за сите добри работи. Од овој ден натаму нека нашите срца и души бидат чисти од гревови а нашиот живот да биде исполнет со искрена насмевка и подадена рака, со правење добри дела и со одговорност кон семејството и општеството, Денеска џамиите во нашата општина се посетени од верниците за извршување молитва. Господару наш, не дозволувај нашите џамии и нашите села да останат празни, посакува Куртовски.

Празник го честиташе и градоначалникот на општина Центар Жупа Аријан Ибраим посакувајќи „овој голем празник, кој е круна на светиот месец Рамазан да донесе здравје, мир, среќа, бериќет".

Во свое лично и во име на СМИР, претседателот Латиф Пајкоски, празникот го честита со желби да го одбележат во радост и среќа, со топли чувства кои ќе го исполнат семејниот дом и посакува многу здравје, среќа, радост, слога, благосостојба и разбирање меѓу сите луѓе во светот.

Во сите џамии на Дебарското муфтиство, кое ги опфаќа трите општини, беа одржани утрински и бајрамски молитви. Во Дебар во централната џамија „Хаџи Вехби Дибра“, утринската молитва ја одржа имамот Орхан Зенго а бајрамската Роил Крифца. вт/дма/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан