• понеделник, 23 декември 2024

По трет пат на АХВ и е доделен меѓународен ИСО сертификат за управување со квалитет

По трет пат на АХВ и е доделен меѓународен ИСО сертификат за управување со квалитет

Скопје, 20 март 2024 (МИА) - Сертификациското тело Quality Austria по трет пат и го додели меѓународниот сертификат за управување со квалитет на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за воспоставениот Систем за квалитет, согласно барањата на стандардот ИСО 9001 : 2015. 

Сертификатот на АХВ и е доделен по дадените позитивни оценки од страна на сертификациското тело MQS, регионален партнер на Австриското национално сертификациско тело Quality Austria за квалитетот на услугите што ги нуди Агенцијата.

-Претставници на MQS, на 23 февруари дадоа предлог за продолжување на три години на сертификатот за управување со квалитет на Агенцијата за храна и ветеринарство откако ја проверија функционалноста на документираниот Систем за квалитет, неговата усогласеност со барањата на стандардот за квалитет ISO 9001:2015 и примената во пракса, информираат од АХВ.

Според директорот на АХВ Николче Бабовски, меѓународниот сертификат за управување со квалитет е од големо значење за Агенцијата особено во пресрет на почетокот на претпристапните преговори за влез во ЕУ.

-Овој сертификат е заслуга на сите вработени во Агенцијата, кои преку секојдневната работа и квалитетот на услугите што ги нудат докажуваат дека воспоставениот Систем за квалитет е на многу висока ниво во АХВ, изјави Бабовски.

-Претставници на MQS, на 22 и 23 февруари спроведоа аудит на сите барања на стандардот ИСО 9001 : 2015, почнувајќи од системските процеси на преиспитување на врвното раководство, контекстот на Агенцијата преку влијание на надворешни и внатрешни фактори и заинтересирани страни, оперативните ризици во процесите преку FMEA методологија, управувањето со документацијата во системот, елементите на интерна проверка и дефинирани неусогласености, анализа на задоволство на корисниците на услуги, како и мерките за континуирано подобрување, велат од АХВ.

Оперативните процеси, додаваат, беа разгледувани преку преглед на дефинираните и реализираните цели за квалитет, преку приказ на реални и мерливи индикатори и следење на трендот на резултатите по години.

Од АХВ најавуваат дека ќе продолжат и понатаму да работат на целокупно одржување и подобрување на Системот за квалитет со максимална заложба на сите вработени, во насока на, како што велат, исполнување на барањата и очекувањата на корисниците на нејзините услуги.вј/

Фото: АХВ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан