• понеделник, 23 декември 2024

По повод Меѓународниот ден на Ромите подигнато ромското знаме пред општина Дебар

По повод Меѓународниот ден на Ромите подигнато ромското знаме пред општина Дебар
Дебар, 5 април 2023 ( МИА) - Традиционално, по повод Меѓународниот ден на Ромите, 8 април, покрај другите активности, на јарболот пред општинската зграда во Дебар подигнато е знамето на Ромите.
 
Градоначалникот Хекуран Дука, кој присуствуваше на активностите, рече дека истите се спроведуваат во соработка со Програмата РОМАКТЕД, како заедничка програма на Советот на ЕУ и Европската Унија, кои се значајни не само за националниот идентитет, туку имаат и локално значење кога се во прашање еднаквоста, недискриминација и човекови права.
 
- Вам и на сите припадници на почитуваната ромска заедница им го честитам Денот, со желба да ја продолжиме традицијата на заемна почит, етничка и верска толеранција, во која со векови живеат сите жители во нашиот Дебар. Како и досега и во иднина, како локална власт ќе иницираме и ќе поддржуваме активности за подобрување на условите во населбите каде што главно е концентрирано ромското население, како и унапредувањето на положбата и нивната интеграција во институциите, рече меѓу другото Дука на посебна свеченост.
 
Тој притоа на најдобрите ученици Роми во двете основни и средното училиште во градот им додели признанија.
 
На средба со претставници на ромските организации беа разменети мислења околу напорите за подобрување на положбата на припадниците на ромска заедница во градот.
 
Во Дебар живеат околу 1.300 Роми, бројка која беше два и пол пати повисока, но емигрираа главно во Луксембург и Германија.
 
Пополека тие веќе се интегрираат во општеството, има вработен медицински кадар во Општата болница со проширена дејност и приватните амбуланти, во сектори во локалната власт,  во образованието, како и во други институции. вт/мс/
 
Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан