• среда, 17 декември 2025

По веста дека Бериша може да ги посети САД, за партијата правдата е задоцнета но остварена

По веста дека Бериша може да ги посети САД, за партијата правдата е задоцнета но остварена

Тирана, 8 мај 2025 (МИА) – Демократската партија на Албанија, во официјална реакција во врска со објавената вест дека партискиот лидер и поранешен премиер, Сали Бериша, може слободно да патува во САД, оценува дека „правдата задоцнила но е остварена“.

- Високо го цениме и го поздравуваме ставот на Стејт департментот, објавен од американските медиуми. Ова е враќање кон легалноста, земени како заложници од администрацијата на Бајден со лобирањето на Џорџ Сорос и Еди Рама. Правдата задоцни, но е воспоставена, благодарение на администрацијата на претседателот Трамп, чија победа му служеше на слободниот свет, стои меѓу другото во реакцијата.

Американскиот новинар за „Политико“, Марк Капуто, преку објава на својот профил на платформата „X“ објави дека американскиот Стејт департмент му дозволил на Сали Бериша да патува во САД.

„Го прашав Стејт департментот за визниот статус на Бериша и тие ми рекоа дека може да дојде во САД“, пишува новинарот.

Тој го објавил и одговорот на Стејт департментот.

„Редовно даваме исклучоци за олеснување на патувањето на одредени лица во Соединетите Американски Држави, во согласност со нашите меѓународни обврски и нашите национални интереси. Како такви, нема да дозволиме нашите надворешнополитички интереси или односи со Албанија да бидат заложници на политизирани одлуки од ерата на Бајден“, се вели во соопштението на американскиот Стејт департмент испратено до новинарот, објави албанската Ора њуз.

Сали Бериша, поради вмешаност во корупција, за непожелен во САД беше прогласен во мај 2022 година, а во јули истата година и од Велика Британија. вт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан