• четврток, 25 април 2024

Пошумување на Глишички рид во Кавадарци

Пошумување на Глишички рид во Кавадарци

Кавадарци, 28 март 2024 (МИА) - Пошумување на Глишички рид се реализираше денеска во близина на Кавадарци, акцијата беше во организација на кавадаречката локална  самоуправа, во соработка со еколошкото друштво ,,Еко - живот" и ученици од трите средни училишта во градот. 

Доне Илов, раководител на сектор за животна средина при Општината, рече дека шеста година по ред, се посадуваат садници на ерозивни подрачја. 

- Пролетва ќе бидат продадени околу 2.5 илјади садници. Овојпат посадуваме багрем, додаде тој. 

Претседателот на ,,Еко - живот", Роберто Паризов апелираше и други субјекти во општината, да се вклучат во вакви и слични еколошки  акции. 

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев рече дека последниве години во Општина Кавадарци се реконструираше целата постоечка јавна зелена површина, но се подигнаа и нови, на повеќе локации, со вкупна површина од над 130.000 метри квадратни. 

- По цели 60 години со целосен автоматски систем за наводнување и нови содржини, реконструиран е Градскиот парк Љупчо Шкартов. Кавадарчани добија и нов парк, Киро Крстев, изграден според сите светски стандарди и богат со урбана опрема и зеленило. Во паркот на револуцијата пак, никна нов Дендро парк, богат со разновидни видови на растенија.
Исто така и локалитетот 12 Ваташки младинци е целосно хортикултурно уреден, појасни тој. 

Шеста година по ред, додаде, секоја пролет и есен се пошумуваат и околните ерозивни подрачја што го напаѓаат градот.

- Три години се пошумуваше на Журов дол во село Ваташа, во изминатите три години таму се посадија 40.000 садници од чемпрес и багрем. Изминатите две и оваа веќе трета година, се пошумува на локалитетот Глишички рид, каде беа посадени досега 15.000 садници. Во ова пролетно пошумување, ќе се посадат уште 2.500 садници на багрем, а на есен се планира помасовно садење од 5.000 садници, информираше Јанчев. свд/са/


Фото : МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан