• петок, 20 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Почнува Литера 2025, во фокусот домашните автори и уметничкото наследство

Почнува Литера 2025, во фокусот домашните автори и уметничкото наследство

Скопје, 23 април 2025 (МИА)  – На Светскиот ден на книгата - 23 Април почнува седмото издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“. Во Сули ан во Старата скопска чаршија годинава фестивалот ќе биде со фокус на домашните автори и илустратори, кои со своето творештво оставиле значајна трага во литературата за деца или носат нова естетика и наратив во оваа уметничка област.

Во рамки на фестивалот ќе биде отворена ретроспективната изложба посветена на Ордан Манески – еден од пионерите на македонската графика и илустрација. Првпат неговите илустрации за деца се изложени на самостојна поставка, откривајќи нови димензии од придонесот на Манески во творештвото за деца.

- Голема чест е што токму „Литера“ ја препозна вредноста на овие илустрации и ги постави во фокус. Татковото дело секогаш било посветено на идните генерации – преку книгите, преку сликите, преку идејата дека уметноста треба да биде достапна и жива. Оваа изложба е доказ дека вистинската уметност не старее. Целта на илустрирањето, покрај надополнување на текстот во книгите, списанијата, сликовниците и другите публикации е и да ја пренесе и едуцира младата популација со вистинските вредности на ликовната култура, вели Томе Манески, син на доајенот Ордан Манески.

Фестивалската публика ќе има можност да се запознае со новиот визуелен израз на три современи македонски илустраторки – Иванка НиБа, Анастасија Јованова и Софија Семенпеева. Секоја од нив, како што се наведува, носи свој личен пристап во креирањето илустрации кои говорат на јазик близок на децата, но со уметничка сила препознатлива и за возрасните.

- Создавањето значајни моменти преку илустрацијата е создавање спомени во малите главчиња кои се меѓу првите убави слики во албумот наречен детство. На ова издание на Литера споделувам свет кој го делам со оние кои немаат нѝ малку страв од фантазирање на невозможното, а со тоа и мојата љубов кон илустрацијата на автентичен начин. Сликовниците - мала куќичка во која зборовите, боите, линиите и формите се рамноправни партнери. Спојувањето на световите, пробивајќи преку временски граници, е нешто што ‘Литера’ го отвора во простор за распостилање на емоции. Изложувањето на домашните автори е секако глас што допира до нова публика и застанување на цврсто тло држејќи ја фантазијата за рака, вели илустраторката Иванка НиБа.

Литера, како што се наведува, и оваа година ја задржува својата мисија – да гради мостови меѓу генерациите автори, да создава контекст за квалитетна литература за деца и визуелна култура и да ги инспирира младите читатели да сонуваат, цртаат и раскажуваат сопствени приказни.

Дел од фестивалската програма се неколку креативни работилници за деца, како и промоции на сликовници. Изложбите ќе бидат поставени во галерискиот простор на Сули ан до 30 април, а сите настани се отворени и бесплатни за посетителите.

Фестивалот Литера е поддржан од Халкбанк и од Министерството за култура и туризам. мд/ев/

Фото: Литера 2025 

Остани поврзан