• понеделник, 23 декември 2024

Почнуваат активности на терен за затворање на општинската комунална депонија во Виница

Почнуваат активности на терен за затворање на општинската комунална депонија во Виница

Виница, 30 ноември 2023 (МИА) – Комуналното претпријатие „Солидарност“ и Локалната самоуправа на Виница ги почнуваат активностите на терен за затворање на општинската депонија кај селото Лески, што се дел од проектот за регионално собирање и третман на комуналниот отпад во општините од Источниот и Североисточниот регион.

Локација кај месноста Превалец, во близина на магистралниот пат Кочани – Делчево, ќе се користи како претоварна станица на која отпадот ќе се носи од Виница и соседните општини Македонска Каменица, Делчево, Берово и Пехчево. Оттаму привремено ќе се собира на депонијата кај Кочани, а во иднина треба да се транспортира во Регионалниот центар за третман на отпад што треба да се изгради кај Свети Николе.

-Виница е во најнапредна фаза во однос на другите општини од регионот, со оглед што целосно ги затворивме дивите депонии кај селата Блатец, Истибања и Виничка Кршла. Во завршна фаза е издавањето на урбанистичката документација од општинската админстрација за уредување на просторот на сегашната депонија кај Лески и очекуваме фирмата која со договор презеде обврски, деновиве да почне со градежните работи за чистење. Откако депонијата ќе се затвори, локацијата ќе биде рекултивирана, хортикултурно уредена, со систем за одведување на исцедокот и гасовите. Со тоа веќе нема да биде жариште за зарази и за загрозување на животната средина, истакна Игор Спасевски, в.д. директор на ЈКП „Солидарност“ од Виница.

Проектот за затворање на депониите во општините од двата плански региона почна во октомври минатата година, а виничката комунална депонија кај Лески треба да се затвори во период од 60 дена.

Изградбата меѓурегионалната депонија, односно на Центарот за управување со отпад за Источниот и Североисточниот регион е планирано да заврши за околу три години, со што ќе се стави во функција системот за собирање, транспорт и третман на отпадот од 18 општини. Целата инвестиција е во вредност од 40 милиони евра, а се реализира со средства од фондовите на ЕУ. та/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан