Почна „Текстилијада 8“ во Штип
- Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска присуствуваше на отворањето на „Текстилијада 8“ и на откривањето на споменикот за текстилните работнички „Зашиени емоции“ во паркот кај Општинското основно училиште „Ванчо Прќе“-Штип.
Штип, 4 октомври 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска присуствуваше на отворањето на „Текстилијада 8“ и на откривањето на споменикот за текстилните работнички „Зашиени емоции“ во паркот кај Општинското основно училиште „Ванчо Прќе“-Штип.
Сиљановска Давкова во своето обраќање пред работниците и гостите на „Текстилијада 8“ истакна дека државата мора да ги искорени сите неправилности кои се јавуваат и да се заштитат работничките и работниците. Порача работниците и Здружението „Гласен Текстилец“ да бидат непоколебливи и бунтовни. Забележа дека ја радува и меѓународниот карактер на „Текстилијадата“.
-Тоа е многу важно, бидејќи кога гласовите ќе станат хор моќта е поголема. Сакам да потенцирам дека силата на една држава, или ако сакате силата на едно општество не е само во економијата и во животниот стандард и во технолошкиот развој, туку пред се во социјалниот капитал. Нема повредно нешто од човекот, во човечките ресурси, во вредностите што ги делиме и со кои живееме. Затоа јас сакам Македонија да ја градиме како отворена, социјална држава без оглед на партиската идеологија и определба, рече Сиљановска-Давкова.
Таа во своето обраќање истакна дека „Текстилијадата“ во изминатите седум години покажа дека може активно да се дејствува и да се стимулира граѓанското учество и, како што рече, веројатно од сите организации најгласни беа оние коишто стојат зад „Текстилијадата“.
-Ставајќи акцент на текстилните работнички и работници и нивното вклучување во процесот на донесувањето на одлуки, Здружението „Гласен Текстилец“ не само преку оваа манифестација, туку и преку многу проекти и програми прерасна во глас на текстилците. Мислам дека е тоа глас за достоинствен живот, глас за достоинствени работни услови, глас за уважување на сите права, глас за правда и за правичност, вели Сиљановска-Давкова.
Таа додаде дека нашата држава има работнички, менаџерки и млади дизајнери, кои треба да создаваат сопствени брендови, по коишто нашата држава ќе ја препознаваат.
На „Текстилијада 8“ се обрати и Валон Садики, претставник на FES – Фондацијата „Фридрих Еберт“, кој истакна дека им е важна блиската соработка со синдикатите и организациите кои се борат за заштита и унапредување на работничките права. И токму во оваа насока, како што рече, борбата за подобри работнички права е од суштинско значење.
-Пред се за подобрување и унапредување на работнички интегритет и вреднување на неговиот труд, а потоа како директни резултати за подобрување на неговата индивидуална и семејна благосостојба. Сетоа ова секако придонесува за позадоволни граѓани, подобрени општествени текови и на крај подобро општество за сите, вели Садики.
Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов посочи дека текстилната индустрија е белег на градот Штип и затоа, како што рече, имаме обврска како град да се бориме текстилната индустрија да се развива, а таа да генерира развој. Тој забележа дека во оваа индустрија во градот Штип се вработени околу 8.000 текстилни работнички и работници.
Претседателката на „Гласен Текстилец“ Кристина Ампева истакна дека во изминатата година имаат дадено правна помош на илјадници работнички и работници, судски постапки и имаат дадено иницијативи и пред Уставен суд, лобирање за подобри законски регулативи. Посочи дека на оваа „Текстилијада“ сакаат да видат и дали ќе имаат и соработка со новата власт во интерес на правата на работниците.
-Немаме институционална меморија и одново мора да ги правиме сите овие контакти, од почеток и почеток и да дадеме осврт на тоа што останува како проблем. На пример УЈП дека се уште има исплата под минималната плата. Државниот трудов инспекторат дека троши капацитети, кои не треба да ги троши во однос на исплатата под минимална плата, вели Ампева.
На „Текстилијада 8“ денеска и утре се предвидени четири дебати поврзани со работничките права, но и како да се подобри соработката меѓу институциите. вдј/мд/
Фото: Кабинет на претседателката Сиљановска Давкова