Министерката Димитриеска-Кочоска во посета на Брисел
- Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во рамки на својата работна посета на Брисел, денеска ќе учествува на конференцијата „Гласови, избори и лидерство: Пресвртна точка за Европа?“ во организација на тинк-тенкот „Пријатели на Европа“.
Скопје, 7 ноември 2024 (МИА) - Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во рамки на работната посета на Брисел, денеска ќе учествува на конференцијата „Гласови, избори и лидерство: Пресвртна точка за Европа?“ во организација на тинк-тенкот „Пријатели на Европа“.
Предвидено е министерката Димитриеска-Кочоска да се обрати на првиот панел на конференцијата насловен „Проширување на Европа: По која цена и со каква структура?“, на кој ќе стане збор за актуелните и идните предизвици на процесот на проширување на ЕУ.
Според најавите, Димитриеска-Кочоска ќе се осврне на реформите што и претстојат на земјата на патот кон полноправно членство во ЕУ, содржани во неодамна усвоената Реформска агенда, при што се очекува да ја реафирмира цврстата определба на македонската Владата за нејзино спроведување.
Покрај Димитриеска-Кочоска, како панелисти на оваа сесија од конференцијата се најавени и српската министерка за евроинтеграции Тања Мишчевиќ, францускиот министер за европски прашања Бенжамен Адад, поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ и деканката на Париската школа за меѓународни односи и поранешна шпанска министерка за надворешни работи, ЕУ и соработка Аранча Гонзалес Лаја.
Како што наведуваат организаторите на конференцијата во време на геополитички пресврти, пред се руската инвазија на Украина, Европската Унија се наоѓа во критичен момент со обновен моментум за нејзиниот процес на проширување.
- Овој нов консензус и моментум, во остар контраст со заморот од проширувањето пред војната, нуди неспоредлива можност за стратешки реформи кои суштински ќе ја подобрат институционалната подготвеност и кохерентноста на политиките на ЕУ, како и ќе го олеснат нејзиното проширување, се наведува во најавата.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, огранизаторите посочуваат дека преговорите за прием на нови членки ќе се одвиваат во се покомплексни околности, во услови кога паралено со размислувањата за ново проширување, пред ЕУ се истакнуваат императивот за внатрешна интеграција како резултат на глобалната несигурност, како и потребата за брза и заедничка акција во надворешната, одбранбената и економската политика.
- Амбициите на ЕУ во различни политики најверојатно ќе треба да се прилагодат за да одговараат на новата реалност на проширена Европа. Слично на тоа, пристапот кон проширувањето ќе треба да биде дизајниран за да одговара на колективната амбиција на сегашните и идните земји членки. „Ако“ за европското проширување се чини дека е заменето со „кога“. Проширувањето на ЕУ бара стратешки реформи, зголемена кохерентност на политиките и брза интеграција за да се осигура дека вредностите и целите на Унијата остануваат стабилни, се посочува во најавата за форумот.
Од тој аспект во услови на раст на општествената поларизација и политичката фрагментација во ЕУ, клучно прашање е кои мерки треба да се преземат за да се обезбеди дека процесот на проширување нама да ги зголеми овие поделби.
Со оглед на сложената и често бавната природа на реформите во политиката на ЕУ, според организаторите, треба да се утврдат конкретни чекори кои ќе ги преземе новата Европска комисија за да ја забрза внатрешната интеграција и кохерентноста на политиките во подготовките за идните проширувања, да ги утврди приоритетите Унијата во следните 10 или 20 години, и да процени кои европски политики им носат најголема полза на сите земји членки, како и кои реформи би биле неопходни со цел блокот да менаџира со економското и финансиското влијание од новите земји членки со помал БДП по глава на жител.
Покрај панелот за проширувањето, на конференцијата, меѓу останатото ќе бидат и дебатите за изградбата на социјална, зелена и конкурентна Европа, за борбата за третман на заштитата на климата како човеково право, за стратегијата за обнова на Украина, за развојот на демократијата во дигиталната ера и за користењето на иновациите за забрзување на индустриската еволуција на ЕУ.
Конференцијата е дел од активностите „Пријатели на Европа“ за поттикнување дебата помеѓу засегнатите страни – креаторите на политиките, бизнис заедницата и граѓанското општество, со цел креирање политики и процеси кои ќе создадат поинклузивна, одржлива и напредна Европа.
Покрај учеството на конференцијата, предвидено е за време на престојот во Брисел, министерката Димитриеска-Кочоска да се сретне и со претставници на Генералниот директорат за соседска политика и проширување на ЕУ (ДГ НЕАР) и на Европската народна партија (ЕПП). сп/са/
Фото: МИА Архива