• четврток, 19 декември 2024

Почна седницата за именување на заменици и дополнителни заменици министри

Почна седницата за именување на заменици и дополнителни заменици министри

Скопје, 28 јануари 2024 (МИА) – Во Собранието на Република Северна Македонија започна 142. седница на која на дневен ред е предлогот за именување на заменици министри и дополнителни заменици на министри во Владата.

За дополнителен заменик-министер за внатрешни работи СДСМ го предлага Митко Бојмацалиев, а за дополнителен заменик-министер во Министерството за труд и социјална политика е предложена досегашната министерка Јованка Тренчевска. 

Од ВМРО-ДПМНЕ за дополнителен заменик министер за финансии е предложена Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Собранието претходно на денешната 141. седница со 65 гласа „за“ и тројца „против“ ја изгласа техничката влада предводена од Талат Џафери. На седницата присуствуваа 111 пратеници. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се воздржаа од гласање на техничката влада.

Со изборот на дополнителните заменици министри треба да се комплетира составот на техничката Влада. 

Преодната влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај. Две недели претходно ќе се одржат претседателските избори.

Мандатот на преодната Влада трае од изборот, сѐ до објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за изборите за пратеници и изборот на новата политичка влада.

Ова е трета преодна или техничка влада од 2016 година наваму. Премиер на техничката влада во 2016 година беше Емил Димитриев, додека, во 2020 година беше Оливер Спасовски. ар/бак/


Фото: МИА

Остани поврзан