• петок, 05 декември 2025

Почна асфалтирањето на улици во индустриската зона Речица

Почна асфалтирањето на улици во индустриската зона Речица

Куманово, 3 декември 2025 (МИА) - Почна асфалтирањето на улици во индустриската зона Речица, информираа денеска надлежните. Како што информира градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, проектот се реализира со средства обезбедени преку потпрограмата АА на Владата.

- Започнавме со асфалтирање на улиците во индустриската зона Новини и Речица. Проектот го реализираме со финансиска поддршка од потпрограмата АА на Владата. Паралелно продолжуваме со изградба на атмосферска и фекална канализација, водоводна мрежа и осветлување на внатрешните сообраќајници во новата развојна зона, истакна Димитриевски.

Уредувањето на зоната не е само комунален, туку и економски проект со развојна димензија. Со средствата од Владата се очекува целосно опремување на инфраструктурата, претходно беше поставена атмосферска и фекална канализација, водоводна мрежа, јавно осветлување, како и асфалтирани улици со тротоари. Општината го истакнува овој приоритет и поради фактот што во зоната веќе функционираат домашни и странски компании, а подобрената инфраструктура директно влијае врз пониските оперативни трошоци, безбедното работење и зголемената атрактивност за нови инвестиции.

Индустриската зона Речица е позиционирана на една од најповолните локации во североисточна Македонија во непосредна близина на автопатот E-75 кон Табановце, на само пет километри од српската граница и во близина на европските коридори коридор 8 и коридор 10. Зоната е наменски урбанистички проектирана за лесна и незагадувачка индустрија, трговски капацитети, сместување, сервиси и стоваришта, комбинација што ја позиционира како логистички и економски хаб со пошироко регионално значење. Според локалната самоуправа, реализацијата на проектот отвора простор за нов инвестициски циклус и зајакнување на локалната економија. ам/са/

Фото: Општина Куманово

Остани поврзан