• петок, 22 ноември 2024

Потребите за вода во земјоделството се големи, намалувањето на температурите и повремените врнежи не ја сменија состојбата

Потребите за вода во земјоделството се големи, намалувањето на температурите и повремените врнежи не ја сменија состојбата

Скопје, 8 август 2024 (МИА) - Потребите за вода во земјоделството се големи. Намалувањето на температурите и повремените врнежи не ја сменија состојбата, поради што наводнувањето останува приоритет, велат агрометеоролозите од УХМР. 

Како што истакнуваат, во овој период треба да се посвети поголемо внимание на заштита од појава на пламеница кај виновата лоза и да продолжи примената на сите агротехнички мерки кај посевите.

-Изминатава недела имавме сончево и топло време со повремени врнежи на дожд на некои места. Овие количини на врнежи од дожд не ја подобрија состојбата со влага во почвата, која е потребна за посевите во овој период од годината. Намалувањето на температурите за неколку степени не ја смени состојбата на долготрајната суша во земјоделството. Овие временски услови се непогодни за сите култури, освен за некои видови овошки кои се наоѓат во фаза на берба и зреење на плодовите. Потребите за вода се големи, посебно за пролетните и окопните култури, особено за пченката и сончогледот кој се наоѓа во фаза на исполнување на зрното. Затоа, приоритет на земјоделските производители треба да биде снабдување на земјоделските култури со потребното количество вода, да се посвети поголемо внимание на заштита од појава на пламеница кај виновата лоза и кај сите останати посеви да се продолжи со грижа и примена на сите потребни агротехнички мерки, нагласуваат агрометеоролозите.

Денес, потсетуваат, претежно во западните делови, ќе има појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме, особено во петок. За време на викендот и во почетокот на следната седмица ќе преовладува сончево и топло време со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, долж Повардарието повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се движи од 11 до 23, а максималната од 30 до 39 степени. мч/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан