• недела, 24 ноември 2024

Постапувањето на ДКСК во предметот за именувањето на директорот на АНБ не ги заменува ниту ги одложува обврските на другите надлежни органи, велат од Антикорупциска

Постапувањето на ДКСК во предметот за именувањето на директорот на АНБ не ги заменува ниту ги одложува обврските на другите надлежни органи, велат од Антикорупциска

Скопје, 30 октомври 2024 (МИА) – Постапувањето на Државната комисија за спречување на корупција во предметот за именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност не ги заменува ниту ги одложува обврските на другите надлежни органи, напротив, како што информираат од Антикорупциска, „ги поттикнува сите надлежни институции, да ги извршуваат должностите во согласност со законските надлежности“. 

Од Антикорупциска, исто така, нагласуваат дека постапуваат во рамки на своите законски овластувања и надлежности, насочени кон проверка на можни судири на интереси, интегритет и транспарентност во постапките за именувања на раководни функции и дека ДКСК е независен орган со точно утврдени надлежности и во своето работење се води исклучиво од потребата за законито и транспарентно функционирање на институциите.

- Информациите во јавноста за дуализам во постапувањето помеѓу ДКСК и ОЈО не соодветствуваат со реалноста, бидејќи двете институции имаат различни функции и институционална поставеност. ДКСК исто така истакнува дека нејзиното постапување во ниту еден случај не ги запира постапувањата на останатите надлежни институции од спроведување на надлежностите. Одредени обиди за прикажување на постапувањето на ДКСК како причина за одложување или неактивност на други институции, сметаме дека не се оправдани и може да внесат погрешни перцепции кај јавноста, појаснуваат од Антикорупциска.

Оттаму посочуваат декапостапуваат во рамки на роковите утврдени со закон и тие рокови го диктираат постапувањето на ДКСК, обезбедувајќи систематичен и транспарентен пристап во проверките.

- Потребно е сите надлежни органи да ја почитуваат институционалната рамка и надлежностите на ДКСК, со што ќе се обезбеди ефективно и транспарентно завршување на процесите од интерес на јавноста. Довербата во институционалниот интегритет на системот за спречување на корупцијата и одговорноста се градат преку доследност во извршувањето на надлежностите на секој орган поединечно, порачуваат од ДКСК.

Од СДСМ вчера обвинија дека Христовски нема меѓународно признаен сертификат за познавање англиски јазик и го повикаа Јавното обвинителство да отвори постапка соодветно на своите надлежности и да се утврди и одговорност за прекршувањето на законот.

- Го повикуваме Јавното обвинителство да отвори постапка соодветно на своите надлежности. Повикуваме на транспарентна истрага која точно и непристрасно ќе утврди кој го овозможил ова и кој е одговорен за скандалот, се вели во соопштението од СДСМ.

Од Основното јавно обвинителство Скопје вчера информираа дека моментално ДКСК постапува по предметот за новоименуваниот директор на Агенцијата за национална безбедност, и доколку во разумен рок не ги испитаат наводите, Обвинителството секако ќе оформи предмет и ќе ги провери.

ДКСК минатата недела отвори предмет за именувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ, откако до Антикорупциска пристигнала анонимна претставка во која пишувало дека тој наводно не ги исполнува условите за да биде директор. Претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска, за МИА потврди дека до нив стигнала ваква претставка и дека по неа е оформен предмет и веќе се постапува.

Именувањето на Бојан Христовски за директор на институцијата задолжена за безбедноста и контраразузнавањето предизвика бројни реакции во јавноста.

Владата на седница на 16 октомври го разреши директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски, а на негово место го именува Бојан Христовски. аа/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан