• сабота, 18 мај 2024

Постапка против тројца скопјани и три деца за разбојништво во Градскиот парк

Постапка против тројца скопјани и три деца за разбојништво во Градскиот парк

Скопје, 25 ноември 2023 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против три лица на возраст од 18-19 години, кои се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело „разбојништво“. Во извршувањето учествувале и три малолетни деца во судир со законот, за кои ќе биде поведена постапка согласно Законот за правда на децата.

Како што информира денеска Јавното обвинителство, лицата заедно на 23 ноември годинава во Градскиот парк во Скопје се заканиле со пиштол дека ќе нападнат врз животот и телото на оштетен и оштетена, кои седеле на клупа. На тој начин од нив одзеле еден машки рачен часовник и 1200 денари со намера противправно да ги присвојат.

- Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка предложи определување мерки на претпазливост за полнолетните осомничени, вклучувајќи забрана тие да се приближуваат до оштетените во текот на постапката, се наведува во соопштението. мд/свс/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан