Поскапа празничната трпеза во Грција, но не им го расипува празничното расположение на Грците
- Меѓу 108 и 149 евра чини празничната трпеза во Грција за шест до осум лица, што е за околу пет отсто поскапа од лани, но судејќи според метежот во центарот на Атина во изминатите денови, се чини дека Грците не дозволуваат покачувањата на цените да им го расипат празничното расположение, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 29 декември 2024 (МИА) – Меѓу 108 и 149 евра чини празничната трпеза во Грција за шест до осум лица, што е за околу пет отсто поскапа од лани, но судејќи според метежот во центарот на Атина во изминатите денови, се чини дека Грците не дозволуваат покачувањата на цените да им го расипат празничното расположение, јави дописничката на МИА од Атина.
Институтот за трговија и услуги на Грчката конфедерација за трговија и претприемништво и оваа година спроведе истражување во однос на цените на производите што се неопходни за божиќната и новогодишната трпеза и регистрирале цени повисоки од 4,3 до 5,8 отсто споредбено со лани.
Најголемо поскапување (за десет отсто) има на маслиновото масло, поевтино (за 0,5 проценти) е единствено јагнешкото месо, додека меѓу пет и седум отсто поскапи се безалкохолните пијалаци, мисиркиното месо, зеленчукот и некои овошни производи.
Иако и конкретното истражување и податоците од грчката служба за статистика покажуваат дека инфлацијата сè уште е присутна, сепак Грците се чини дека не дозволуваат поскапувањата да им ги променат навиките, но и празничното расположение.
Прошетка во центарот на Атина е доволна потврда дека празничниот дух е жив, не само кај најмладите, туку и кај повозрасните.
- Се е поскапено, тоа е факт, меѓутоа малите подароци за најблиските и нивната радост се бесценети. Тоа е традиција во нашето семејство и не правиме отстапки, вели повозрасна Гркинка за МИА.
Се чини дека овој став го делат голем број Грци во Атина, без разлика дали тоа се однесува на подароците, на празничната трпеза или на десертите.
На „шопинг листата“ на Грците за празниците, традиционално се и десертите карактеристични за Божиќ и Нова година, популарните меломакарона, односно печените колачи со мед, гурабиите, како и благата пита со паричка, т.н. василопита што се крши за време на новогодишната ноќ.
Како што објави МИА во вторникот, во пресрет на Божиќ, илјадници граѓани, Грци, но и туристи претпладнево го „преплавија“ центарот на Атина, искористувајќи го последниот работен ден, но и топлото време за последните подготовки пред празникот, а не е исклучена можноста, истата слика да биде и во следните два дена непосредно пред Нова година.
Организирани дочеци на Нова година во Атина и Солун
Сите грчки градови, уште од почетокот на месецов се во новогодишно руво и подготвуваат специјална програма за дочек на Новата година.
Во Атина и во Солун, на централните плоштади и оваа година ќе има организиран дочек на Новата година, со музика и огномет, а од двете општини најавуваат незаборавна забава.
Од општина Атина најавија дека за новата година на плоштадот Синтагма, за првпат ќе се користи бесшумен огномет, но и стотици дронови со спектакуларно шоу посветено на Атина.
Во Солун, освен на централниот плоштад Аристотел, закажана е забава и кај Белата кула со учество на познати диџеи. ср/
Фото: МИА