Португалскиот парламент го заостри Законот за имиграција
- За време на дебатата што и претходеше на гласањето, владиниот портпарол Антонио Леитао Амаро ја бранеше реформата, наведувајќи дека „времето на неодговорна имиграција е завршено“, нагласувајќи ја потребата од „контрола и регулирање на тековите за хумана интеграција“.
Лисабон, 30 септември 2025 (МИА) - Со поддршка на владината коалиција и екстремната десница, португалскиот Парламент денеска ја усвои реформата на Законот за имиграција, со која се заоструваат условите за влез во земјата.
Текстот, што беше одобрен од сите десничарски партии, е изменета верзија на оној усвоен минатиот јули, на кој претседателот стави вето, поради приговорите на Уставниот суд во врска со одредбите за повторно обединување на семејствата.
За време на дебатата што и претходеше на гласањето, владиниот портпарол Антонио Леитао Амаро ја бранеше реформата, наведувајќи дека „времето на неодговорна имиграција е завршено“, нагласувајќи ја потребата од „контрола и регулирање на тековите за хумана интеграција“.
Отсега, правото на семејно обединување за имигрантите ќе се применува само по минимален период од две години законски престој.
Меѓутоа, најновата верзија на оваа реформа предвидува исклучоци за скратување на овој период, особено за брачните парови, па дури и негово укинување за малолетни деца.
Визите за баратели на работа сега ќе бидат резервирани за висококвалификувани работници.
Покрај тоа, Бразилците, главниот контингент на имигранти, повеќе нема да имаат корист од механизмот за регулирање откако ќе влезат во земјата со туристичка виза.
Пакетот мерки усвоени во јули, исто така, предвидуваше создавање нова единица во рамките на националната полиција, одговорна за борба против нелегалната имиграција и организирање на депортации. Оваа одредба сега стапи на сила.
Меѓутоа, третиот дел од оваа реформа, што се однесува на условите за добивање португалско државјанство, сè уште е во фаза на дискусија.
Десничарската малцинска Влада минатата година веќе ја заостри имиграциската политика со отстранување на одредбата што им дозволуваше на сите имигранти да аплицираат за регуларизација со докажување дека работеле најмалку една година и плаќале придонеси за социјално осигурување, дури и ако влегле во земјата со туристичка виза.
До крајот на 2024 година, бројот на странци што живеат во Португалија ќе надмине 1,5 милиони, што претставува околу 15 проценти од вкупното население и речиси четири пати повеќе отколку во 2017 година.сд/