Португалија бара помош од ЕУ поради големата суша
- Министерката за земјоделство Марија до Сеу Антунеш изјави дека сувото време влијае на земјоделството и резервоарите за вода, поради што побарала од Европската комисија да го реши проблемот и да и даде поддршка на Португалија.
Лисабон, 10 мај 2023 (МИА) - Португалските власти денеска побараа помош од Брисел за земјоделскиот сектор, поради сушата што ја зафати државата.
Министерката за земјоделство Марија до Сеу Антунеш изјави дека сувото време влијае на земјоделството и резервоарите за вода, поради што побарала од Европската комисија да го реши проблемот и да и даде поддршка на Португалија.
Метеоролошката агенција ИПМА претходно објави дека во текот на април во Португалија е забележано невообичаено топло и суво време, а досега 90 отсто од копнената површина на земјата е зафатена од суша.
Тешката суша зафати една петтина од територијата на Португалија, двојно повеќе отколку во март и речиси петпати повеќе од една година порано при што особено погодени се североисточниот и јужниот регион. зш/