• понеделник, 18 ноември 2024

Поројни дождови и поплави во Баварија, жителите евакуирани со хеликоптер

Поројни дождови и поплави во Баварија, жителите евакуирани со хеликоптер

Минхен, 1 јуни 2024 (МИА) – Поројните дождови зафатија големи делови од јужна Германија, предизвикувајќи сериозни прекини во сообраќајот во транспортните центри и принудувајќи некои жители од погодените области да бидат евакуирани со хеликоптер, јави ДПА.

Властите во баварскиот округ Аугсбург соопштија дека попуштиле насип и вештачка брана, што предизвикало одвоени операции за евакуација.

Поради поплавите откажани се железничките линии меѓу главниот град на баварската покраина Минхен, австрискиот град Брегенц и швајцарскиот град Цирих. Погодена е и линијата меѓу Улм и Аугсбург, а возовите меѓу Штутгарт и Минхен се пренасочени.

Во баварскиот град Фишах, западно од Минхен, хеликоптер беше користен за спасување на луѓето од нивните домови откако реката Шмутер се излеа од коритото. Според полицијата, биле испратени и чамци и спасувачки екипи за да помогнат луѓето да излезат од поплавените куќи.

Неколку соседни окрузи прогласија вонредна состојба бидејќи дождот продолжи да врне до доцна во денот, а нивото на водата продолжи да расте.

Во покраината Баден-Виртемберг, западно од Баварија, ситуацијата ненадејно се влоши откако реката Ротум почна да се излева, поплавувајќи неколку села. Во градот Рајнштетен, 150 спасувачи работеа повеќе од 22 часа за да ја спречат надојдената вода од попуштена брана, изјави градоначалникот Филип Буркл.

Според него, пожарникарите од околината црпеле вода од подрумите и делеа вреќи со песок. Досега е евакуиран само еден дом за стари лица, во кој имало 15 лица.

На околу 55 километри северно, властите во туристичкиот град Визенштајн им наредиле на жителите да ја зовриваат водата пред употреба, откако поплавите го зафатија и локалниот систем за водоснабдување.

На југ, во близина на езерото Констанц, училиште во селото Мекенбеурен, Баден-Виртемберг, морало да биде евакуирано кога водата од локалната река ги пробила насипите од вреќи со песок поставени околу него.

Германската метеоролошка служба предвидува дополнителни грмотевици и до 80 литри дожд на метар квадратен во јужна Германија. Невремето најверојатно ќе продолжи и утре, забележува ДПА.сд/

фото:ДПА

Остани поврзан