• вторник, 23 јули 2024

Поранешниот шеф на холандската разузнавачка служба Дик Шуф предложен за иден премиер

Поранешниот шеф на холандската разузнавачка служба Дик Шуф предложен за иден премиер

Хаг, 28 мај 2024 (МИА) - Поранешниот шеф на холандската разузнавачка агенција, Дик Шуф, ​​ќе биде предложен за премиер на идната десничарска влада. Четирите партии кои ќе ја формираат новата влада, предводени од националистичката ПВВ на Герт Вилдерс, најавија прес-конференција со Шуф за попладневните часови, јави Хина.

Победникот на изборите Вилдерс на почетокот на месецот постигна договор за формирање нова влада со уште три конзервативни партии, откако се исклучи од премиерската позиција. Шуф (67) моментално е на висока позиција во Министерството за правда, откако со години ја водеше разузнавачката служба АИВД и антитерористичката агенција НЦТВ.

Тој би ја предводел владата за која четирите партии велат дека ќе има полабави врски со парламентот. Владата, сепак, ќе мора да се придржува до четиристраниот договор што има за цел да ја ограничи имиграцијата и исклучоци поврзани со прашањето за азил и правилата за животна средина.

Холандскиот националист Вилдерс претходно постигна договор за формирање десничарска влада со потенцијалните партнери, речиси шест месеци по победата на изборите. Бидејќи партиите се поделени околу миграциската политика и државниот буџет, тензичните преговори за формирање на десничарска влада се одолговлекуваа откако тој извојува неочекувана изборна победа на 22 ноември.

Договорот значи дека антимуслиманската Партија за слобода (ПВВ) предводена од Вилдерс, централно-десничарската партија ВВД на премиерот во заминување Марк Руте, центристичката NSC и партијата на протестите на фармерите БББ ќе формираат владејачка коалиција со 88 претставници во Долниот дом на холандскиот Парламент што брои вкупно 150 пратенички места. Според најавите, Владата ќе почне со работа до крајот на јуни.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан