Поранешниот тајландски премиер Таксин Шинаватра ја напушти земјата пред клучно гласање во Парламентот
- Поранешниот тајландски премиер и бизнисмен Таксин Шинаватра ја напушти земјата со приватен авион неколку часа пред денешното закажано гласање во Парламентот за избор на нов премиер, на кое се очекува неговата партија да биде отстранета од власт.
Бангкок, 5 септември 2025 (МИА) – Поранешниот тајландски премиер и бизнисмен Таксин Шинаватра ја напушти земјата со приватен авион неколку часа пред денешното закажано гласање во Парламентот за избор на нов премиер, на кое се очекува неговата партија да биде отстранета од власт.
Во објава на платформата „Икс“, Таксин соопшти дека заминал од Тајланд за медицински преглед во Сингапур, по што се упатил кон Дубаи поради затворање на еден од аеродромите.
Тајланд се обидува да формира нова влада по отстранувањето на премиерката Паетонгтарн Шинаватра, ќерката на Таксин, која минатата недела беше разрешена од функцијата поради начинот на кој се справи со неодамнешната криза со Камбоџа.
По добивањето поддршка од опозицијата во Парламентот, се очекува Анутин Чарнвиракул, поранешен сојузник на кланот Шинаватра, да биде избран за нов премиер. - Нормално е да се чувствуваме возбудени, изјави тој пред медиумите при пристигнувањето во парламентот пред гласањето. Овој 58-годишен политичар е познат по тоа што во 2022 година ја промовираше декриминализацијата на канабисот, задржувајќи ја својата конзервативна линија. Во средата, тој ја доби клучната поддршка од Народната партија, главната опозициска партија со мнозинство во парламентот.
Династијата Шинаватра со децении ја делеше власта со конзервативната елита во Тајланд, но неодамнешните правни неуспеси го намалија нејзиното влијание. Партијата „За Тајланѓаните“ на влијателното семејство Шинаватра е на власт од изборите во 2023 година. Паетонгтарн Шинаватра беше отстранета од функцијата од судот оваа недела, а нејзиното место го зазеде привремен премиер.
Телекомуникацискиот магнат Таксин Шинаватра беше соборен од власт со преврат во 2006 година и помина 15 години во странство пред да се врати во Тајланд во август 2023 година. Веднаш по враќањето беше осуден на осум години затвор за корупција и злоупотреба на власта, но беше префрлен во болница од здравствени причини и подоцна помилуван од кралот. На 9 септември Врховниот суд треба да одлучи дали неговото предвремено ослободување од затвор било законско.
„Планирам да се вратам во Тајланд најдоцна на 8 септември за лично да се појавам пред судот“, увери Таксин на Икс. Тој додаде дека во Дубаи отишол да посети пријатели и лекари специјализирани за пулмологија и ортопедија. ссм/
фото: архива