• четврток, 04 декември 2025

Поранешниот бразилски претседател Болсонаро привремено ослободен од домашен притвор заради медицински прегледи

Поранешниот бразилски претседател Болсонаро привремено ослободен од домашен притвор заради медицински прегледи

Бразилија, 17 август 2025 (МИА) - Поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро вчера беше привремено ослободен од домашен притвор за да се подложи на медицински прегледи во главниот град Бразилија. Локалните медиуми прецизираат дека судија дозволил Болсонаро да помине меѓу 6 и 8 часа во болница.

Лекарите од болницата „Де Еф Стар“ соопштија дека Болсонаро бил примен поради треска, кашлица, гастроезофагеален рефлукс и икање. Прегледите покажале остатоци од две неодамнешни белодробни инфекции, како и продолжен езофагит и гастрит.

Поранешниот претседател бил отпуштен подоцна во текот на денот и ќе продолжи со лекување со медикаменти.

Болсонаро беше хоспитализиран повеќе пати откако беше прободен со нож на предизборен настан пред претседателските избори во 2018 година. Во април оваа година, тој беше подложен на уште една операција поради интестинална опструкција.

Експретседателот е под судска истрага од Врховниот суд поради наводен обид да остане на власт по поразот на изборите во 2022 година од сегашниот претседател Луиз Инасио Лула да Силва.

Меѓу 2 и 12 септември се очекува петчлен судски состав да се произнесе по пет обвиненија против него.Болсонаро ги негира обвинувањата за какви било прекршувања. Крајно десничарскиот лидер е во домашен притвор од 5 август. Судијата од Врховниот суд Алишандри де Мораис, кој го надгледува случајот, изјави дека Болсонаро ги прекршил мерките за претпазливост со ширење содржини преку своите тројца синови, кои се пратеници.

Околу 20 лица се собраа вчера пред болницата „Де Еф Стар“, тврдејќи дека Болсонаро е жртва на политички прогон. Некои му се заблагодарија на американскиот претседател Доналд Трамп, кој постапките на обвинителството ги нарече „лов на вештерки“ и ја поврза својата одлука за воведување 50 отсто царина на бразилскиот увоз со правните проблеми на Болсонаро. ссм/

фото: архива

Остани поврзан