Поранешната премиерка на Бангладеш, Хасина обвинета за злосторства против човештвото
- Специјалниот суд на Бангладеш го почна судењето на поранешната премиерка Шеик Хасина и двајца нејзини помошници за нивните наводни улоги во насилното задушување на минатогодишниот бунт, што доведе до пад на нејзината влада
Дака, 10 јули 2025 (МИА) – Специјалниот суд на Бангладеш го почна судењето на поранешната премиерка Шеик Хасина и двајца нејзини помошници за нивните наводни улоги во насилното задушување на минатогодишниот бунт, што доведе до пад на нејзината влада.
Тричлена комисија на судии на Меѓународниот трибунал за злосторства (ИЦТ) денеска нареди да почне судењето против Хасина и поранешниот министер за внатрешни работи Асадузаман Кан и поранешниот началник на полицијата Чоудхури Абдула Ал-Мамун. Тие на 3 и 4 август ќе даваат изјави во Обвинителството.
Мамун е во притвор, се изјасни за виновен и поднесе барање да стане сведок на државата во случајот. Судењето ќе продолжи во отсуство за другите двајца обвинети.
Тројцата се соочуваат со обвиненија поврзани со злосторства против човештвото, наводно извршени за време на справувањето со протестите предводени од студентите во 2024 година. Демонстрациите почна во јули 2024 година кога студентите побара укинување на системот на квоти за јавни работни места, а прераснаа во масовни протести кои кулминираа со соборување на Владата на Хасина на 5 август. За време на протестите убиени се приближно 1.400 луѓе.
- Злосторствата извршени во Бангладеш за време на протестите се широко распространети и систематски, што јасно претставува злосторства против човештвото… Директивата дошла од тогашната премиерка, а командниот синџир бил следен од полицијата и помошните сили во извршувањето на идентични дејствија низ целата земја, изјави главниот обвинител Таџул Ислам.
Тој додаде дека против обвинетите се подигнати пет обвиненија – вклучувајќи поттикнување, провокација, издавање наредби за убивање луѓе, одговорност на претпоставената команда и учество во заеднички злосторнички потфат.
Хасина по соборувањето од власт пребега во Индија. Таа првпат беше избрана за премиерка во 1996 година и ја извршуваше функцијата до 2001 година. Нејзината партија Лига Авами победи на општите избори во 2008 година, а следната година Хасина повторно беше именувана за премиерка, а потоа следеа нејзините реизбори во 2014, 2018 и 2024 година.
Процес ќе се одвива во судот, воспоставен од администрацијата на Хасина, формиран во 2010 година за да ги гони лицата обвинети за злосторства за време на војната за независност на Бангладеш од Пакистан во 1971 година. ми/
фото: ЕПА архива