• недела, 22 декември 2024

Пратеници од помалите партии ќе информираат за предложените измени на Изборниот законик

Пратеници од помалите партии ќе информираат за предложените измени на Изборниот законик

Скопје, 8 мај 2023 (МИА) - Пратеници од помалите парламентарни партии предлагачи на Предлог-законот за измени и дополнувања на Изборниот законик денеска ќе одржат прес-конферениција во Собранието.

Како што информираат од собраниската прес-служба, на пресот ќе се обратат пратениците Павле Трајанов, Димитар Апасиев, Моника Зајкова, Маја Морачанин, Боби Мојсовски, Бејџан Иљас, Љупчо Балковски, Борислав Крмов, Панчо Минов и други.

Со конституирање на работната група за реформи во изборното законодавство на 3 мај во Скопје стартуваше процесот на усогласување на ставовите за измени со цел подобрување на изборната легислатива. Александар Новаковски, експерт и поранешен член на ДИК, е избран за претседател на работната група. Во фокусот на работната група е примената на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а потоа и изготвување нов изборен законик.

Забелешките кои се провлекуваат во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР меѓу другото се однесуваат на поедноставување на Изборниот законик со можност да се донесе нов поради многуте измени на постојниот, потоа за ефикасноста на жалбената постапка, еднаквоста на правото на глас, прашањето на финансирање на кампањите, како и извештаите кои се добиваат околу финансирањето.

Во работната група покрај претставници на партиите има и членови од МВР, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за информатичко општество и администрација, МОСТ, Цивил, Полио плус, УВМК, Државен завод за статистика, Централен регистар, Управен суд, Државна изборна комисија, Национален демократски институт, Здружение на новинари на Македонија и од Самостојниот синдикат на новинари на Македонија.

Министерот за правда Кренар Лога, кој учествуваше на првата средба на работната група, истакна дека изборниот модел не е приоритет на групата.

-Имаме консензус за оваа работна група да ги инкорпорираме сите овие препораки и забелешки од ОБСЕ/ОДИХР. Моделот нас не ни е приоритет, останува само да имаме нов пречистен текст на овој Изборен законик, а исто така да се внесат сите овие забелешки. Ова е првата задача на работната група, а втората е изготвување на нов Изборен законик, изјави Лога по средбата на работната група,

Додека, пак, Новаковски изрази оптимизам дека работната група ќе успее да излезе со предлог со цел измените да бидат усвоени најмалку шест месеци пред изборите (претседателски и парламентарни) кои треба да се одржат во првата половина на наредната година.

-Јас сум оптимист во начинот на работа бидејќи гледам дека претставници во работната група се лица кои се од оваа област и кои долго време работат на оваа материја и се надевам дека ќе излеземе со предлог и ќе успееме да ги запазиме роковите кои се утврдени со некои европски стандарди, овие измени да бидат имплементирани во еден период од шест месеци пред изборите, рече Новаковски.

ВМРО-ДПМНЕ не делегираше свој претставник во работната група. Пратеникот од оваа партија Антонио Милошоски на прес-конференција по конституирањето на работната група рече дека тие прифаќаат изборен модел со една изборна единица и ја повика власта да излезе со решение, по што најави дека опозициската партија ќе се вклучи во утврдување на конечниот текст на изборниот законик.  

Од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во пишана изјава за МИА, наведоа дека се задоволни што изгледа дека постои консензус меѓу сите политички чинители во земјата за потребата и подготвеноста за вклучување на техничките препораки на ОБСЕ/ОДИХР насочени кон создавање изборен систем во согласност со меѓународните стандарди. Воедно, порачуваат дека остануваат посветена на обезбедување релевантна поддршка во тековниот процес. фф/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан