• сабота, 21 декември 2024

Полицијата во Молдавија објави дека открила проруска шема за купување гласови

Полицијата во Молдавија објави дека открила проруска шема за купување гласови

Кишињев, 3 октомври 2024 (МИА) – Полицијата во Молдавија соопшти дека открила шема предводена од Русија од „невиден размер“ во која на граѓаните им биле исплатени вкупно повеќе од 15 милиони долари за да гласаат против прозападната претседателка Маја Санду, како и против членството на земјата во Европската Унијата, пренесе БТА.

На 20 октомври во Молдавија ќе се одржат претседателски избори заедно со референдум на кој гласачите треба да одговорат дали ги поддржуваат уставните измени кои ќе и овозможат на земјата да се приклучи на ЕУ.

Сумата, која изнесувала околу 13,6 милиони евра, е исплатена само во септември. Повеќе од 100.000 луѓе учествуваа во обидот за поткопување на изборниот процес, соопшти денеска на прес-конференција шефот на полицијата во Кишињев.

Според документите пронајдени од истражителите, криминалната мрежа ја водел Илан Шор, олигарх кој побегнал од Молдавија. Мрежата преку канали на Телеграм регрутирала луѓе кои се подготвени да гласаат за одреден претседателски кандидат за одредена сума.

Во април, Шор, кој минатата година беше осуден во отсуство за измама, објави од Москва дека формира коалиција на проруски партии во Молдавија.


Според молдавската полиција, мрежата за купување гласови има членови лоцирани во Русија. Имала добро организирана хиерархиска структура, со 130 координатори во различни области кои организирале 70.000 гласачи да гласаат против прозападната кандидатка за претседател и против членството на земјата во ЕУ за суми меѓу 46 и 93 евра месечно. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан