• среда, 04 декември 2024

Пожар со денови беснее кај Фиер, на барање на Албанија Грција ќе испрати канадер

Пожар со денови беснее кај Фиер, на барање на Албанија Грција ќе испрати канадер

Тирана, 1 октомври 2023 (МИА) - Грција позитивно одговори на барањето за помош и ќе испрати авион за гаснење на  пожарот кај албанскиот град Фиер.

-Соседната земја ќе испрати авион Канадер, при што ќе интервенира од воздух, бидејќи тешкиот терен ја оневозможува работата на пожарникарите. Барањето го упати албанската Агенција за цивилна заштита, бидејќи пожарот не е изгаснат веќе 6 дена и покрај напорите на противпожарните или вооружените сили, јави Топ чанел.

Министерот за одбрана Нико Пелеши изрази благодарност за помошта од Грција, во рамки на Европскиот механизам за цивилна заштита.

-Грција одговори на барањето на Агенцијата за цивилна одбрана на Албанија со авион Канадер  за интервенција од воздух во срцето на пожарот во Пише Поро, во Фиер. Им благодариме на нашите соседи за помошта во рамките на Европскиот механизам за цивилна заштита“, напиша Пелеши во објава на Фејсбук.

Реагираше и министерот за внатрешни работи Таулант Бала.

-Благодарам на Грција која во рамки на Европскиот механизам за цивилна заштита веднаш одговори на барањето на нашата Агенција за цивилна заштита со авион Канадер за воздушна интервенција во пожарите во Пише Поро и Дарезезе во Фиер, изјави Бала.

Претходно тој ја оцени ситуацијата како крајно сериозна и нагласи дека во следните часови ќе има засилување на противпожарната опрема и изјави дека е побарана интервенција на цивилната итна помош на Европската унија како и на специјализирани човечки сили. вт/

Фото: Бала Фб

Остани поврзан