Поетски настан реализиран во Кавадарци
- Поетски настан беше реализиран во Кавадарци, во пресрет на традиционалната стопанско - културна манифестација „Тиквешки гроздобер“, што ќе се одржи од петок до недела, информираше претседателката на Здружението на поети „Тиквешки цветови“, Марија Црвенковски.
Кавадарци, 2 септември 2025 (МИА) - Поетски настан беше реализиран во Кавадарци, во пресрет на традиционалната стопанско - културна манифестација „Тиквешки гроздобер“, што ќе се одржи од петок до недела, информираше претседателката на Здружението на поети „Тиквешки цветови“, Марија Црвенковски.
- На средбата присуствуваа пријатели на пишаниот збор, ценети поети и љубители на поезијата. Поезијата отсекогаш била светлина во темнината, утеха во болката, патоказ во заблудата. Таа е јазик на душата, кој не познава граници, не признава поделби и не бара ништо повеќе од искреност. Во секој стих, во секоја строфа се крие светоглед, животна приказна и дел од срцето на поетот, рече претседателката на здружението.

Таа подвлече дека се собрале со една возвишена цел.
- Да го прославиме зборот, да ја чествуваме поезијата и да ја споиме моќта на мислата со убавината на изразот. Поезијата е повеќе од уметност. Таа е јазикот на срцето, мостот меѓу минатото и иднината, гласот што зборува и кога владее тишината. Со неа го чуваме идентитетот, ја негуваме традицијата, даваме крилја на духот, истакна Црвенковски.
Притоа, додаде дека зборот никогаш не замолчува, туку постојано се раѓа во нови облици и бои.

- Нашата земја со своите долги корени и богата култура, отсекогаш ја негува поезијата. Од старите народни песни, што ги пренесувале бабите и дедовците крај огништата, до современите песни на денешните автори - ние сведочиме дека зборот живее, се менува, но, никогаш не исчезнува. Тој е вечен, порача Црвенковски.
Човекот без поезија, рече, е како дрво без корен, а општеството без поети е како пат без светлина. свд/бд/
Фото: Милица Настова