• недела, 22 декември 2024

Под мотото „Едукација за заштита на иднината“ и со креативна работилница одбележан Светскиот ден на дијабетесот

Под мотото „Едукација за заштита на иднината“ и со креативна работилница одбележан Светскиот ден на дијабетесот
Скопје, 14 ноември 2022 (МИА) - Под мотото „Едукација за заштита на иднината“ и со креативна работилница со деца вечерва беше одбележан Светскиот ден на дијабетесот, во организација на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – БАЛАНС МК. Во рамки на настанот беше промовиран и почетокот на работата на веб порталот „Инсулинска Порта“ креиран од страна на БАЛАНС МК, кој претставува збир на неколку медиуми за да се овозможи едукација и комуникација меѓу самите пациенти и нивна поддршка и да се изврши притисок на фармацевскиот секторот и врз креаторите на политики за пациентите да го добијат тоа што го заслужуваат. Министерот за здравство Беким Сали не присуствуваше на настанот заради неодложни обврски, но упати писмо во кое посочува дека новина во Програмата за дијабетес за следната година е обезбедувањето средства во буџетот за 2023 година за набавка на сензори за континурано мерење на шеќер во крвта за деца до 18 години и бремени жени. - Овие сензори првпат во државата се обезбедуваат со средства од буџетот, а ќе бидат бесплатни за овие пациенти. Станува збор за околу 700 деца и бремени жени. Друга новина ќе се реализира во соработка со Клиниката за детски болести каде ќе биде отворен едукативен центар. Во нашата држава со дијабетес има вкупно 135 илјади пациенти, од кои со дијабетес тип 1 се 5.500 пациенти, додека на инсулинска терапија 43 илјади пациенти, се истакнува во писмото на Сали. Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот Стево Пендаровски, истакна дека постојаната едукација, стекнувањето со веродостојни и исцрпни информации се суштински начин кој гарантира квалитетно справување со било каков проблем. Таа потенцира дека и годинашното мото за одбележување на Светскиот ден на дијабетесот цели кон воспоставување на стандарди кои гарантираат квалитетен живот на секое лице со дијабетес. Упати апел до сите релевантни институции да ги слушаат и да одговараат на потребите и предизвиците на децата со дијабетес и нивните родители. На настанот имаше и креативна работилница на која дечиња со двајца тренери психолози по Гешталт Арт терапија, користејќи разни техники (колаж, боја, мозаик и слично), изработија голем постер на темата за потреба и пристап до едукација. фф/бак/

Остани поврзан