Подигнато обвинение против 52-годишен маж за убиството на пратеникот Парубиј во Л’вов
- Мерет лично го потпиша обвинението, нагласувајќи дека „обвинението се заснова на објективни докази што укажуваат дека осомничениот го извршил убиството на пратеникот“, се наведува во соопштението на обвинителството на каналот Телеграм.
Л’вов, 1 септември 2025 (МИА) - Шефот на регионалното обвинителство во Л’вов, Микола Мерет, изјави дека е поднесено обвинение против 52-годишен жител на Л’вов во врска со убиството на поранешниот претседател на украинската Врховна рада, пратеникот Андриј Парубиј.
Мерет лично го потпиша обвинението, нагласувајќи дека „обвинението се заснова на објективни докази што укажуваат дека осомничениот го извршил убиството на пратеникот“, се наведува во соопштението на обвинителството на каналот Телеграм.
Во тек се разговори со осомничениот, како и претреси во неговите места на живеење.
Се спроведуваат сите итни истражни постапки со учество на обвинители кои го координираат текот на истрагата, пренесува Укринформ.
Исто така, се подготвува барање до судот за одредување притвор без можност за кауција.
Истрагата за овој случај е во тек и се преземаат мерки за утврдување на сите околности на настанот.
Поранешниот претседател на Врховната рада, пратеникот Андриј Парубиј, беше убиен на 30 август во Л’вов.
Началникот на полицијата на Л’вовскиот регион, Олександр Шљаховски и шефот на канцеларијата на регионалниот обвинител на Л’вов, Микола Мерет, изјавија дека истражителите ќе ја разгледаат можноста за руска инволвираност во убиството на Парубиј.сд/
фото:МИА архива