• недела, 22 декември 2024

Подводна вулканска ерупција создаде нов остров во Јапонија

Подводна вулканска ерупција создаде нов остров во Јапонија

Токио, 9 ноември 2023 (МИА) - Светот доби нов остров, што се издигна јужно од Јапонија, во Тихиот Океан. Според Јапонската метеоролошка агенција (JMA), сѐ уште неименуваниот остров се создал од подводна вулканска ерупција.

Островот, се наведува, се наоѓа на околу 1.200 километри јужно од копното на Јапонија и еден километар од островот Иво Џима - можеби најпознат по битките во Втората светска војна, каде што загинале најмалку 7.000 американски војници и 22.000 Јапонци. JMA бележи вулканска активност во областа од лани, но Институтот за истражување на земјотреси при Универзитетот на Токио потврди дека ерупцијата што го создала новиот мал остров се случила на 30 октомври оваа 2023 година.

Сецуја Накада, почесен професор по Вулканологија на Универзитетот, за тамошните медиуми појасни дека магмата била одредено време под водата, пред копното конечно да се издигне на површината.

Излегувањето на островот над океанската површина, е документирано и од Националните поморски одбранбени сили на Јапонија, на 1 ноември. Снимките покажуваат мала ерупција што испушта темен облак од пепел над малиот остров, којшто сега е дел од низата острови Огасавара.  си/сд/

Фото: Националните поморски одбранбени сили на Јапонија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан