Повик од МАЕИ до дијаспората: Поддржете го Васил Стерјовски, за да продолжи да биде силен македонски глас во Собранието
- Македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) ги повика Македонците по потекло од Албанија, а живеат и работат во странство да гласаат за Васил Стерјовски за тој да продолжи да биде силен македонски глас во албанското Собрание.

Дебар, 17 април 2025 (МИА) - Македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) ги повика Македонците по потекло од Албанија, а живеат и работат во странство да гласаат за Васил Стерјовски за тој да продолжи да биде силен македонски глас во албанското Собрание.
- Драги наши Македонци, чии корени влечат од Преспа, Врбник, Корча, Подградец, Билишта и сите други населени места од Округот на Корча, кои денес живеете и работите надвор од Албанија. Дојде време повторно да се слушне вашиот глас. На 11 мај 2025 година вашето право на глас значи сила за целата македонска заедница во Албанија, стои во повикот.
Се додава дека Државната изборна комисија започна со доставување на гласачките ливчиња преку пошта, и на нив, „во колоната број 5, ќе го најдете името на Васил Стерјовски, човекот кој достоинствено нè претставува, кој се бори за нашите права, нашиот идентитет, нашата култура".
- Ако сакате да го поддржите, ставете знак до неговото име. Само тоа е доволно.
А ако сакате, можете да гласате и за Социјалистичката партија со знак во квадратчето број 5. Но најважно од сè – гласајте за гласот на Македонците. Секој ваш глас за Васил Стерјовски е глас за иднината на Македонците во Албанија. Тоа е глас што ја чува нашата историја, што ја продолжува нашата традиција, што зборува за нас во институциите каде што сме премногу често заборавени, порачуваат од партијата.
МАЕИ апелира „поддржете го Васил Стерјовски, за да продолжи да биде нашиот силен глас во албанското Собрание. Гласот на Македонците. Гласот на вистината. Гласот на надежта!". вт/цр
Фото: МИА