• петок, 15 ноември 2024

Обезноста причина за хронични болести, во Центарот за менаџирање на дебелина прегледани 730 пациенти

Обезноста причина за хронични болести, во Центарот за менаџирање на дебелина прегледани 730 пациенти

Скопје, 30 март 2024 (МИА) - Обезноста е сериозна комплексна хронична болест и доколку не се препознае навреме, може да доведе до појава на околу 200 други хронични болести, предупредуваат експертите. Апелираат да се разбие стигмата околу обезноста, да се подигне свесноста дека секое обезно лице треба навреме да се јави на лекар од примарното здравство за навреме да се дијагностицира, третира и превенира, во најмала рака, преминувањето на натхранетост, во обезност. Препораките се дека дури и на бремените жени треба да им се кажува дека просечно околу девет килограми е прифатливо да ја зголемат телесната тежина во текот на бременоста.

Во Центарот за менаџирање на дебелината на Клиниката за еднокринологија, дијабетес и метаболички заболувања, од почетокот на септември, кога почнува со работа овој Центар, заклучно со 27 март, прегледени се 730 пациенти.

Директорот на Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболички заболувања - Скопје, Арѓент Муча за МИА открива дека најобезниот пациент регистриран досега во овој Центар, имал 225 килограми и боди маст индекс 73,5 што спаѓа во класата на морбидна обезност.

- Нашето искуство вели дека повеќето од пациентите ги почитуваат советите на докторите. Кога доаѓаат, најчесто прашање е „за колку време ќе ослабам и колку ќе биде тоа?“. Нашата цел е за 10 месеци, тие да изгубат 10 отсто од нивната телесна тежина. Има случаи каде изгубиле и повеќе, но, има и случаи каде изгубиле помалку. Најважна е мотивацијата, не треба да се демотивираат, вели Муча за МИА.

Најчестите причини за дебелината, како што посочува, е начинот на живот, односно недоволната физичка активност, внесувањето на храна богата со калории, но и хормоналните нарушувања. 

Според претседателот на Научното здружение за обезност - „Обем“, доцент доктор Ирфан Ахмети, дебелината како хронична болест е во пораст, како во светски рамки, така и кај нас, а предвидувањата се песимистички, односно се очекува пандемиски раст на оваа болест. Тој подвлекува дека превенцијата е многу важна и дека таа се однесува на промена на животниот стил, поголема физичка активност, здрав начин на живот, ослободување од лошите навики, особено кај децата и адолесцентите.

- Навременото дијагностицирање е многу важно. Бројките кај нас, за кои можам да кажам дека се само претпоставки, е дека околу 28 проценти од популацијата се обезни. Исто така обезноста е во подем кај децата и адолесцентите, околу 30 отсто се натхранети и обезни, зборувам натхранети затоа што доколку не се интервенира, тие преминуваат во обезни. Обезни деца има околу 13,5 проценти, појаснува Ахмети.

Машкиот пол во поголем ризик од женскиот

Професор доктор Игор Спироски вели дека според информациите што ги објавуваат како Институт за јавно здравје и Македонско здружение за исхрана и здравје, може да се констатира дека сме високо меѓу државите, пред се во европскиот регион, особено во детската дебелина.

Спироски нагласува дека според најновите согледувања, 30 проценти од децата од шест до деветгодишна возраст кај нас, се со зголемена телесна тежина, додека 13,8 отсто живеат со дебелина или со екстремна дебелина. Споменувајќи ги храната, намалената физичка активност, седење пред компјутер, тој се осврнува и на најновите податоци што зборуваат и за социоекономски карактеристики, во земји со двојна оптовареност со дебелината.

- Околу 28,4 проценти од возрасните во Македонија, имаат само дебелина, а над половина од населението над 18 години, е или со зголемена телесна тежина или со дебелина. Во однос на полот, машките се во поголем ризик од женските лица. Децата од урбаните средини се уште се со поголем ризик од оние што живеат во руралните средини, но и тој дел полека почнува да се менува, на штета на руралното, посочува Спироски.

Храната богата со калории најчеста причина за дебелина кај децата

Според професор доктор Елена Шукарова Ангелова, загрижувачки се податоците за овој  проблем кај децата и адолесцентите. 

- Според податоците со кои се располага, во светот околу 150 милиони деца се со екстремна дебелина. Децата обично доаѓаат со родители, кои исто така се дебели, со мисла дека е генетски. Генетската причина може да ја има, но сепак најчесто во нашата средина се среќаваме со деца кои се со дебелина предизвикана од храната. Некои од нив успеваат да се справат со дебелината со помош на семејството и средината, но некои не успеваат. Намалуваат, но повторно и се враќаат на тежината, посочува Шукарова-Ангелова.

Улогата на општеството, според неа, е во тоа да најде можности за да се превенира повторната дебелина кај овие деца.

- Затоа апелираме до матичните лекари, градинките и училиштата да се таргетира овој проблем. Само на тој начин можеме да го намалиме прогресот на тежината кај децата, истакнува Шукарова-Ангелова, додавајќи дека треба да се менуваат и навиките во семејствата.

Дебелината не е индивидуален проблем, подвлекува, туку колективна грижа. - Сите заедно да се вклучиме во борбата, да се превенира. Децата купуваат енергетски пијалаци, а никој не ги контролира. Потребна е колективната едукација, децидна е таа.

Скоро 50 проценти од обезните имаат ортопедски проблеми

Обезноста е еден од клучните ризик фактори за појава на кардиоваскуларните заболувања. 

Вишиот научен соработник, доктор Ирена Митевска нагласува дека има докази оти кардиоваскуларните заболувања, за жал, се водечка причина за компликации и смртност кај овие пациенти.

- На општествено ниво, треба да се мотивираат пациентите за промена на животниот стил, нагласува Митевска.

На мултидисциплинарната панел-дискусија, организирана од Научното здружение за обезност - „Обем“, беше кажано дека покрај другите компликации, скоро педесет проценти од обезните пациенти имаат и ортопедски проблеми.

Според професор доктор Антони Новотни, многу е важен пристапот кон овие пациенти, односно психолошкиот пристап со кој ќе се убедат да го променат животниот стил.

- Мораме да работиме на тоа дека единствено успешно менаџирање на обезноста би било подигнување на мотивацијата и сигурна соработка на пациентот. Тој треба да го направи тоа постепено менаџирање, нагласува тој.

Експертите посочуваат дека исхраната и физичката активност се многу важни, како и  мотивацијата да се намалат килограмите.

- Да им се даваат на пациентите реалистични и достижни цели затоа што дебелината влијае врз квалитетот на живот. Овие луѓе често се и депресивни. Но, треба да се внимава и на терапијата што им се препишува, затоа што постојат разлики од случај до случај. Да се читаат етикетите на производите. Потребна е промоција на здрави навики, превенција и скриниг, беше нагласено на панел-дискусијата.

Експертите сметаат дека треба да се сменат и размислувањата дека маж без 120 кила, не е маж, ако имаш висина, не си дебел и дека дебело дете е здраво дете. Некои сметаат дека треба да ја мери тежината кај децата барем еднаш годишно и штом се забележи зголемување, да се препратат во соодветен центар. 

Покрај двата центра за менаџирање на обезност, во ГОБ „8 Септември“ и на Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболички заболувања, најавено е отворање и на трет на Детската клиника, наменет за деца и адолесценти, со оглед на тоа што надлежните забележуваат пораст на обезни лица кај овие старосни групи.

Блаже Дарудов

Фото и видео: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан