• петок, 22 ноември 2024

Повеќе пратеници на германскиот Бундестаг сакаат да поднесат барање до сојузниот Уставен суд за забрана на АфД

Повеќе пратеници на германскиот Бундестаг сакаат да поднесат барање до сојузниот Уставен суд за забрана на АфД

Берлин, 1 октомври 2024 (МИА) - Повеќе германски медиуми, повикувајќи се на интерни документи, објавија дека неколку пратеници во Бундестагот сакаат да поднесат таканаречено „парламентарно барање“ до сојузниот Уставен суд за забрана на работата на партијата Алтернатива за Германија (АфД). 

Дојче Веле пишува дека овој предлог, наводно, е поддржан од некои пратеници на владејачките партии, Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и Зелените, како и некои членови на опозициските демохристијански партии ЦДУ и ЦСУ, односно пратеници на опозициската левица. 

Овие пратеници настапувале како поединци, бидејќи предлогот не е поддржан од комплетните пратенички групи. 

Предлогот е поддржан од најмалку десет пратеници од секоја од горенаведените партии, а за да се покрене такво „парламентарно барање“ се потребни пет отсто од Бундестагот или 37 пратеници. 

Партијата АфД во последните неколку недели постигна многу добри резултати на регионални избори во источниот дел на Германија. 

„Бундестагот поднесува барање до сојузниот Уставен суд да ја прогласи АфД за неуставна во согласност со членот од Уставот и членот 43 од Законот за сојузниот Уставен суд“, наведува дел од барањето весникот „Велт“. 

Пратениците ја обвинуваат АфД дека сака „да го укине германскиот слободен демократски темелен поредок“ и дека зазема „активно борбен, агресивен став“ кон тој поредок.

Партијата беше обвинета и дека во неколку наврати го „прекршила загарантираното човечко достоинство“ што се гарантира со Уставот. 

Според „Велт“, во предлогот се цитираат бројни изјави на федерални и провинциски функционери на АфД кои се сметаат за „повреда на човечкото достоинство на мигрантите, муслиманите и сексуалните малцинства“.сд/

фото:МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан