Повеќе инфраструктурни проекти во Општина Чашка
- Со средства во висина од 7 милиони и 950 илјади денари, обезбедени од Министерство за транспорт и врски извршено е асфалтирање на локалениот пат до село Чашка, во должина од 1,3 километри, информира денеска за МИА градоначалникот Горан Стојановски.
Велес, 4 јули 2025 (МИА) - Со средства во висина од 7 милиони и 950 илјади денари, обезбедени од Министерство за транспорт и врски извршено е асфалтирање на локалениот пат до село Чашка, во должина од 1,3 километри, информира денеска за МИА градоначалникот Горан Стојановски.
Тој истакна дека на завршување на работите срдечно бил пречекан од тамошните жители на селото, што, како што рече, му е мотив плус да продолжи интензивно и со нови инфраструктирни инвестиции.
-Продолжуваме со инвестициите во локалната патна инфраструктура, се грижиме за подобрување на животот на граѓаните во сите населени места низ Општина Чашка, најави Стојановски.
Тој воедно информира дека ќе биде асфалтиран земјениот пат во должина од 2,3 километри до село Раковец што е обезбеден во рамки на проектот на Светската банка „Македонија без кал“. Утре, додад, ќе проработи новата бушотина со здрава вода за водоснабдителниот систем за жителите во селото Извор.
Тој потенцира дека Општина Чашка е во очекување на средствата од унгарскиот кредит со кој ќе се инвестира во неколку значајни инфраструктурни проекти во населените места во Општина Чашка: асфалтирање на патот кон село Ораов Дол, реконструкција на дел од патот од 2 до 3,5 километри кон село Папрадиште, изградба на детска градинка во село Мелница, изградба на Дом на култура во населба Чашка до фаза на карабина.
Воедно најави и реконструкција на спортските терени во село Извор и реконструкција на водоводите и улиците во повеќе населени места како и на дел од улицата „8 Септември“ во населба Чашка.
Градоначалникот Стојановски информира дека со поддршка на Владата заврши изградбата на Спортската сала на училиштето „Лирија“ во село Горно Јаболчише, а која свечено ќе биде пуштена во употреба на почетокот на новата учебна година во септември. ад/сст/
Фото Општина Чашка