ПЛО создава потпретседателска позиција како наследник на Махмуд Абас
- Палестинската ослободителна организација (ПЛО) денеска објави дека создава функција потпретседател на Извршниот комитет, кој истовремено ќе биде и потпретседател на Државата Палестина, со што се отвора пат за потенцијален наследник на 89-годишниот лидер Махмуд Абас
Рамала, 24 април 2025 (МИА) - Палестинската ослободителна организација (ПЛО) денеска објави дека создава функција потпретседател на Извршниот комитет, кој истовремено ќе биде и потпретседател на Државата Палестина, со што се отвора пат за потенцијален наследник на 89-годишниот лидер Махмуд Абас, пренесува Бета.
По дводневен состанок, Централниот совет на ПЛО гласаше за воведување на оваа нова функција. Се очекува лицето што ќе ја преземе позицијата да биде можен наследник на Абас, иако сè уште не е јасно кога и како точно ќе се воспостави. Абас треба да го избере потпретседателот од 15-те членови на Извршниот комитет на ПЛО.
Одлуката доаѓа во време кога Абас се стреми да обезбеди поголема улога во планирањето на повоената иднина на Појасот Газа, откако беше маргинализиран за време на војната меѓу Израел и Хамас. И покрај намалената популарност, Абас останува лидер на Палестинците и партнер во обидите за оживување на мировниот процес, кој е во застој од враќањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на власт во 2009 година.
Абас, чиј мандат истече во 2009 година, останува на власт без да назначи наследник. Анкетите во последните години покажуваат опаѓање на поддршката за него и неговата партија Фатах. Западните и арапските земји бараат реформи во палестинските власти за да можат да играат улога во повоената Газа. Палестинската управа, поддржана од Западот, се соочува со обвинувања за корупција и лошо управување, што ја прави длабоко непопуларна. Назначувањето на наследник може да има за цел смирување на кризата, коментираат локални медиуми.
ПЛО е меѓународно признат претставник на палестинскиот народ и ја надгледува Палестинската управа, која има ограничена автономија на Западниот Брег. ссм/
фото: архива