• понеделник, 23 декември 2024

Плоштад во Охрид ќе го носи името на уметникот Вангел Наумоски

Плоштад во Охрид ќе го носи името на уметникот Вангел Наумоски

Охрид, 17 април 2024 (МИА) – Плоштадот кај поранешниот Мини маркет во Охрид ќе го носи името на познатиот уметник Вангел Наумоски. Иницијативата за тоа ја покрена Лајонс клубот „Лихнидос“ од Охрид, а предлогот наскоро ќе биде ставен на дневен ред на седница на Советот на Општина Охрид, каде треба да биде потврдена одлуката.

Иницијативата ја поддржа и градоначалникот Кирил Пецаков, кој рече дека на тој начин Наумоски ќе добие засклужено место, каде неговите сограѓани ќе се потсетуваат на уметникот и ќе го слават неговото име како син на Охрид.

Наумоски е роден во охридското село Скребатно во 1922 година. Се запишува во средното уметничко училиште во Скопје, од каде во 1947 година е исклучен како „неталентиран“. Првата негова работа е цртач во ателјето за резба во Охрид, а неговата прва изложба е во родниот Охрид во 1954 година. Има над 30 самостојни и 100 групни изложби, а неговите дела се наоѓаат во многу музеи во земјава и низ светот.

Како знак на одбележување на стогодишнината од раѓањето на уметникот, на фасада на зграда во Охрид токму на плоштадот што ќе го носи неговото име, минатиот месец беше насликан голем графит. На фасадата на зградата што се наоѓа во непосредна близина на домот и ателјето на уметникот се насликани мотиви од негови графики како и негов портрет. аб/бак/

Фото: Архрид

 

Остани поврзан