• петок, 05 декември 2025

Плеврис бара службите за прием на мигранти во Грција да се фокусираат на враќањето на одбиените баратели на азил

Плеврис бара службите за прием на мигранти во Грција да се фокусираат на враќањето на одбиените баратели на азил

Атина, 5 август 2025 (МИА) – За процедурите што следат при одбиеното барање на азил и казните за непочитувањето на одлуката, ќе треба раководителите на Службите за прием на мигранти во Грција да ги информираат мигрантите, а акцентот да биде ставен на процесот на доброволно, но и принудно враќање, согласно упатствата од министерот за миграција и азил, Танос Плеврис, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што информираа од Министерството за миграција и азил на Грција, Плеврис денеска одржал работен состанок со раководителите на Службите за прием и регистрација, во присуство на заменик-министерката за миграција и азил, Севи Волудаки и генералниот секретар за прием на баратели на азил Димитрис Глимис, а нагласил дека центрите треба да се фокусираат на враќањето на нелегалните мигранти.

Министерот ја истакнал потребата од целосна соработка во пресрет на новиот закон за миграција што се очекува да биде изгласан во септември, а паралелно ја нагласил и важноста од навремено информирање на мигрантите кои пристигнуваат во центрите, особено на оние чии барања за азил се одбиени, со цел да се зајакне процесот на доброволно и принудно враќање.

- Раководителите се повикани јасно да ги објаснуваат процедурите што ќе се следат (при одбиено барање), како и последиците од непочитување, кои вклучуваат: кривични санкции од две до пет години за нелегален престој, електронски надзор за лица без одобрен азил и никаква можност за идно легализирање или добивање дозвола за престој, информираа од Министерството за миграција и азил на Грција. ср/рп/

Фото: Министерство за миграција и азил на Грција

Остани поврзан