Планот на Европската Унија за енергија од Русија е неприфатлив за Словачка
- Планот на Европската Унија да го заврши увозот на енергија од Русија е апсолутно неприфатлив за Словачка, бидејќи постои ризик од понатамошно зголемување на цените на енергијата и сериозна економска штета, изјави денеска словачкиот премиер Роберт Фицо.
Братислава, 7 мај 2025 (МИА) – Планот на Европската Унија да го заврши увозот на енергија од Русија е апсолутно неприфатлив за Словачка, бидејќи постои ризик од понатамошно зголемување на цените на енергијата и сериозна економска штета, изјави денеска словачкиот премиер Роберт Фицо.
Фицо, еден ден откако Европската комисија ја објави таканаречената мапа за постепено ставање крај на увозот на енергетски суровини од Русија, рече дека „Словачка ќе биде меѓу земјите кои ќе бидат најмногу погодени“, пренесе словачкиот портал Актуалити.
Тој додаде дека Владата на Словачка нема проблем со диверзификацијата на изворите на енергија, но оти новиот план е спротивен на обврските на претходната Европска комисија.
- Ова е идеолошка одлука, нема никаква врска со здравиот разум, рече Фицо.
Тој истакна дека тоа е обид за „изградба на нова железна завеса“ меѓу Западот и Руската Федерација.
Европската комисија претстави план за постепено укинување на руските енергетски ресурси според кој, до крајот на 2027 година, земјите-членки треба целосно да престанат со увозот на природен гас, кој досега е намален од првичните 45 отсто на 19 отсто.
Одделните земји-членки треба да ги претстават своите планови за престанок на увозот на енергетски суровини од Русија до крајот на оваа година, а Фицо најави дека Словачка ќе бара да го искористи правото на вето за усвојување на конкретни законски мерки.
Фицо предупреди на последиците од предвременото раскинување на долгорочните договори за увоз на гас од Русија.
Според него, државната компанија СПП има договори за увоз на руски гас до 2034 година, кои се поставени по системот „земи или плати“, што значи дека купувачот мора да плати дури и ако не троши гас.
Според словачкиот премиер, затоа постои ризик од судски спор со Гаспром, кој испорачува гас.
- Со исклучувањето на рускиот гас, ќе станеме зависни од некој друг. Пред сè, од течен гас од Соединетите Држави, додаде тој. јт/
Фото: МИА архива