Планот за индустриската зона „Блокотехна” во Гевгелија на повторна презентација
- Општина Гевгелија повторно ќе спроведе јавна презентација и анкета за урбанистичкиот план за индустриската зона „Блокотехна” во Негорци.
Гевгелија, 17 март 2026 (МИА) - Општина Гевгелија повторно ќе спроведе јавна презентација и анкета за урбанистичкиот план за индустриската зона „Блокотехна” во Негорци.
Локацијата на планскиот опфат е на вкупна површина од 23,73 хектари, а според планскиот документ се предвидуваат објекти кои во најголем дел се со Г2 намена, односно лесна преработувачка и помалку загадувачка индустрија и лесна градежна индустрија, како и објекти со намена Е2 за згради и комплекси на инфраструктурните системи – шпедиции.
Максималната дозволена висина на овие објекти е 12 метри односно приземје со два ката. Планот дозволува и изградба на два објекти од Б класата на намени, од кои едниот за хотелски комплекс, а другиот за спортска сала за атлетски дисциплини, кошарка, ракомет и тенис. Предвиден е и простор за јавно урбано зеленило со назнаката Д1.2, како и намена Д3.1 за спортски терени на отворено.
Од општината информираат дека стручната презентација на Урбанистичкиот план вон населено место за индустриска зона „Блокотехна“ КО Негорци, за плански период 2024 – 2029 година ќе се одржи наредната среда со почеток во 12 часот, во Народниот театар во Гевгелија. Јавната анкета ќе трае 10 работни дена, од 25 март до 8 април.
Во споменатиот рок, заинтересираните граѓани и правни лица од подрачјето опфатено со планот, како и државните органи и други институции ќе можат да ги доставуваат своите забелешки, предлози и мислења на анкетни листови.рш/са/
Фото: МИА