Пињо: Фон дер Лајен поддржува поголеми трошоци за одбраната, но не спомнала кратења на пензии и социјална помош
- Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го поддржува зголемувањето на трошоците за одбраната, но никогаш не споменала кратење на средства за други сфери, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.
Брисел, 17 јануари 2024 (МИА) - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го поддржува зголемувањето на трошоците за одбраната, но никогаш не споменала кратење на средства за други сфери, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.
- Претседателката во неколку наврати јавно кажа дека се залага за зголемување на трошоците за одбраната со цел навистина да бидеме сигурни дека можеме да покажеме поголема издржливост во однос на сопствената одбрана, но таа не се изјасни дали тоа би значело, доколку би значело, кратења во некои сфери, рече Пињо во одговор на прашањето за ставот на Фон дер Лајен за идејата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте за пренамена на „мал дел“ од средствата предвидени за пензии, здравство и социјална заштита за потребите на одбраната.
Пињо нагласи дека повеќе детали околу одбранбените трошоци ќе има во „белата книга за одбраната“, чие објавување е најавено за во текот на првите сто дена од мандатот на сегашната Европска комисија, односно до почетокот на март.
- Таму ќе имаме повеќе сознанија. Нејзината подготовка е во тек и веројатно ќе даде одговори на овие прашања, додаде Пињо.
За време на заедничкиот состанок во Европскиот парламент со членовите на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), на Поткомитетот за безбедност и одбрана (СЕДЕ) и на Делегацијата за односи со Парламентарното собрание на НАТО во понеделникот, Руте ги повика европратениците да ги поддржат напорите за зголемување на трошоците за одбрана, потенцирајќи дека безбедноста на Европа ќе биде многу поголема само ако мал дел од средствата што сега се трошат за пензии и здравствена и социјална заштита се пренаменат за обезбедување на многу посилна одбрана.
- Инвестициите во нашата обрана се инвестиции во нашата безбедност и безбедноста на нашите деца и внуци, нагласи Руте. сп/
Фото: МИА Архива