Пињо: Фон дер Лајен и Трамп имаа навистина добар телефонски разговор
- Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на САД, Доналд Трамп во вчерашниот телефонски разговор во основа се согласија за забрзување на трговските преговори меѓу ЕУ и САД, како и да останат во близок контакт, информира денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.
Брисел, 26 мај 2025 (МИА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на САД, Доналд Трамп во вчерашниот телефонски разговор во основа се согласија за забрзување на трговските преговори меѓу ЕУ и САД, како и да останат во близок контакт, информира денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.
- Нема да навлегувам во детали на разговорот, она што можам да кажам е дека зборуваа за најсилните и најтесните трговски врски во светот, изјави Пињо, додавајќи дека станувало збор за „навистина добар повик“, кој бил инициран од Фон дер Лајен.
Пињо додаде дека трговските преговори по својата природа се сложени и тие ќе продолжат понатаму.
- Позитивно е да се види дека има ангажман и од страна на претседателот (Трамп) и од наша страна. Секогаш велевме дека ние сме подготвени да постигнеме договор, истакна Пињо.
Таа потенцира дека еврокомесарот за трговија и економска Марош Шефчович продолжува со преговорите, најавувајќи дека тој денеска ќе има нов телефонски разговор со американскиот секретар Хауард Латник.
- Нема да навлегуваме во деталите од разговорите. Тајноста и дискретноста на преговорите е јасна, па затоа нема да навлегуваме во нив, барем не засега, додаде Пињо. сп/
Фото: МИА Архива