• понеделник, 23 декември 2024

„Пивара Скопје“ постави препреки на реките Сатеска и Даљанска за заштита на Охридското Езеро од цврст отпад

„Пивара Скопје“ постави препреки на реките Сатеска и Даљанска за заштита на Охридското Езеро од цврст отпад

Охрид, 11 август 2023 (МИА) – Компанијата „Пивара Скопје“ денеска презентираше дел од спроведените активности во рамки на платформата за општествена одговорност „Наша гордост, наша одговорност“ за заштита на Охридското Езеро од загадување со цврст отпад.

Како што појасни генералниот директор на „Пивара Скопје“, Душан Митрев, преку иницијативата за одвојување денар од секое продадено шише со посебна етикета на „Скопско“ и „Скопско смут“ беа обезбедени средства за поставување физички препреки за цврст отпад на реките Сатеска и Даљан како најголеми загадувачи на Охридското Езеро, како и за акции за чистење на крајбрежјето и дното на езерото.

- Во фокусот на „Скопско“ како бренд останува да ги инспирира луѓето да се обединат за подобра иднина, бидејќи заедно ја делиме одговорноста да го исчистиме и заштитиме од загадување она што е наша гордост – природните и културните обележја на нашата земја, рече Митрев.

Тој појасни дека изминатите неколку седмици се спроведени акции за чистење во општините Охрид, Струга и Дебрца, при што заедно со бројни волонтери и членови на нуркачки друштва се собрани повеќе од 200 вреќи цврст отпад.

Христина Оџаклиеска, заменик-министерката за животна средина и просторно планирање што години е партнер на слични иницијативи, од своја страна ја нагласи важноста од заштитата на животната средина, но пред се иницијативите насочени кон подигнување на свеста кај сите чинители за надминување на состојбата.

- Со здружени напори можеме да придонесеме кон заштита на животната средина, особено на Охридското Езеро како едно од најзначајните за нас, но и во светски рамки, запштитено природно наследство. Свесна сум дека решавањето на проблемот со управувањето со отпадот во земјата бара силна поддршка од највисоките владини органи, па затоа како Влада работиме на создавање услови за поставување посебни системи за управување со текови отпад, како една од националните цели, рече меѓу другото таа, најавувајќи дека ресорното Министерство и натаму ќе поддржува слични проекти за заштита на околината и за одржливо управување со отпадот.

Менаџерот за развој на бизнис и комуникации во компанијата „Пакомак“, Ико Брдароски, рече дека собраниот отпад од поставените бариери на реките Сатеска и Даљанска ќе биде селектиран и рециклиран, како еден од најлесно применливите методи за циркуларна економија кон која се стреми.

- Паралелно со повратните машини за амбалажи што ги поставивме во некои општини, планираме голем дел од отпадот да собереме и рециклираме, што е наша цел, обврска и одговорност. Како компанија ќе се трудиме да имплементираме нови европски практики во нашата земја, рече тој.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, во свое и во име на граѓаните на Охрид се заблагодари на активностите што се спроведуваат за заштита на Охридското Езеро.

- Она што природата ни го дала како дар, а светот го признал како светско богатство обврзани сме да го заштитиме. Заштитата на животната средина е еден од приоритетите на Општина Охрид, а подготвени сме да се вклучиме и да поддржиме проекти  што се посветени на оваа проблематика и се во насока на заштита на светското природно богатство што го поседуваме. Се надевам дека овој проект на „Пивара Скопје“ ќе биде еден убав пример и поттик за останатите големи компании кои можат да се вклучат и помогнат во делот на заштита и промоција на Охридското Езеро, нашиот најскапоцен бисер и наша најголема гордост, рече Пецаков.

Благодарност од своја страна упати и градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески, кој изрази задоволство што се спроведуваат акции што во еден дел ќе придонесат за заштита на Охридското Езеро од загадување.

- Ваквите активности треба да претставуваат поттик за други компании преку општествено одговорни кампањи да придонесеме сите заедно за заштита на Охридското Езеро. Секако тука треба да се анимираат и самите граѓани, затоа што заштитата на езерото е заради нас самите, ние ако не го заштитиме нема кој друг да го направи тоа, рече Ногачески.

Компанијата „Пивара Скопје“ продолжува со активности во рамки на кампањата „Наша гордост, наша одговорност“  насочена кон подигнување на свесноста за потребата од заштита на животната средина, со апел до сите чинители да се вклучат во следните акции. аб/са/

Фото: МИА

Остани поврзан