• понеделник, 23 декември 2024

Пеци: Косово без поддршка од САД и ЕУ, оставено e само на себе

Пеци: Косово без поддршка од САД и ЕУ, оставено e само на себе

Приштина, 7 август 2024 (МИА) - Директорот на Косовскиот институт за политички истражувања и развој (KIPRED) од Приштина и поранешен косовски дипломат, Љуљзим Пеци, изјави дека актуелните акции на косовските власти „на северот на земјата го продлабочуваат јазот помеѓу Косово и меѓународната заедница, бидејќи се соочуваат со партнер кој е непредвидлив“.

Тој за Радио Слободна Европа (РСЕ) оцени дека „Косово оди кон голем судир со меѓународната заедница“ и истакна: „Меѓутоа, Косово нема капацитет да и нанесе штета на меѓународната заедница. Може само себеси да си наштети“.

- Да, јазот се продлабочува, бидејќи партнерството не може да се изгради доколку не се консултираат страните кои имаат безбедносни одговорности на северот на земјата. Дури мислам дека јазот веќе многу се продлабочил. Како што изгледа, Косово е непредвидлив партнер кој без претходна консултација презема акции во овој дел од земјата, имајќи ги предвид одговорностите во областа на безбедноста, објасни Пеци.

Според него, во акциите за затворање на експозитурите на Српската пошта во Косово „не станува збор само за спроведување на законот, туку и за импликации врз безбедноста во тој дел од земјата“.

Тој додаде дека спроведувањето на законот треба да се прави „со консултации и координација со оние кои се одговорни за безбедноста во тој дел од земјата“. - Да не заборавиме дека Косово нема целосен суверенитет додека КФОР има мандат каков што има денес. Знаеме како функционираат работите. И тука е проблемот, не е проблем во спроведувањето на законот. Проблемот е дали сме доверлив партнер или не? Тука е сржта на проблемот, оцени Пеци.

Тој наведе дека Европската Унија воведе санкции кон Косово, но според него, најголема санкција е однесувањето на САД „тоа што ја повлекоа поддршката што претходно му ја даваа на Косово“ и нагласи: „Нема поголеми санкции од тие“.

Пеци укажа дека тоа се гледа во тоа што Косово повеќе нема поддршка на меѓународен план која претходно ја обезбедуваше САД, наведувајќи дека „Косово е оставено само на себе и се занимава само со управување на конфликтите, ништо повеќе“. ссм/

фото: архива

Остани поврзан