• понеделник, 23 декември 2024

Петровска: Јадранската повелба се покажа како успешен механизам за соработка меѓу земјите членки

Петровска: Јадранската повелба се покажа како успешен механизам за соработка меѓу земјите членки

Скопје, 16 ноември 2023 (МИА) - Нашата одговорност денеска е да продолжиме со поддршка на патот на останатите земји аспиранти од регионот кон европската и евроатланската перспектива и да обезбедиме недвосмислена насока во развојот на поцврста безбедносна и одбранбена интеракција, оспособена да одговори на новите предизвици што се надвиснуваат над нашиот регион и пошироко, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска.

На денешното отворање на јубилејниот 20-ти Министерски состанок на САД – Јадранската повелба, што се одржува во Скопје, министерката Петровска истакна дека во изминатите две децении, како што рече, повелбата се покажа како успешен механизам за соработка меѓу земјите членки.

- Со овој дух мора да продолжиме напред и на тој начин оваа повелба да остане симбол на доверба, просперитет и сложност на сите нејзини земји членки, како и на регионалната заедница, истакна министерката.

Дополни дека за тоа е потребна не е само колективната мудрост, туку и колективната посветеност за поттикнување на безбедност, стабилност и соработката.

- Геополитичкиот пејсаж се менува брзо, а заканите со кои се соочуваме се динамични и брзи. Во овие предизвикувачки времиња императив е да ја препознаеме меѓусебната поврзаност на нашата безбедност, рече министерката.

На состанокот, освен министерката Петровска како предводник на македонската делегација и помошничката на секретарот за одбрана на САД, Селест Валандер, ќе учествуваат и министерот за одбрана на Албанија, Нико Пелеши, министерот за одбрана на Црна Гора, Драган Краповиќ, заменикот-министер за одбрана на Босна и Херцеговина, Славен Галиќ, раководителот за меѓународна безбедносна и одбранбена соработка во хрватското Министерство за одбрана, Игор Габриќ, додека од земјите набљудувачи на состанокот ќе учествуваат министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци, државниот секретар во Министерство за одбрана на Србија, Немања Старовиќ и заменик-генералниот директор во Министерство за одбрана на Словенија, Аљоша Селан.

САД – Јадранската повелба е основана на 2 мај 2003 година во Тирана како Иницијатива за соработка во одбраната во А-3 контекст (Албанија, Хрватска, Северна Македонија). За време на македонското претседавање со Јадранската повелба, на маргините на 63-то Генерално Собрание на ОН, одржано на 25 септември 2008 година во Њујорк беше донесена одлука за упатување покана за членство на Црна Гора и Босна и Херцеговина во Јадранската група, како поттик за нивното забрзано движење по патот на евроатлантските интеграции.

Јадранската повелба е базирана на заедничката визија за стабилност во Југоисточна Европа и полноправно членство во евроатлантските интеграции. Албанија и Хрватска во 2008 година, Црна Гора во 2017 година и Северна Македонија во 2020 година, како резултат и напорите за развој и достигнување на НАТО стандардите, станаа рамноправни членки на НАТО Алијансата. ар/свс/

Фото: МИА

 

Остани поврзан