Петровска: Програмата „Наука за мир и безбедност“ ги охрабрува цивилните аспекти на науката во служба на безбедноста
- Министерката за одбрана Славјанка Петровска, заедно со шефот на Одделот за управување и координација на НАТО програмата „Наука за мир и безбедност“, Клаудио Палестини, го отвори Информативниот ден на НАТО програмата, на кој учествуваа експерти од НАТО предводени од Палестини, претставници на академската заедница во Северна Македонија, како и невладиниот сектор.
Скопје, 28 март 2024 (МИА) – Министерката за одбрана Славјанка Петровска, заедно со шефот на Одделот за управување и координација на НАТО програмата „Наука за мир и безбедност“, Клаудио Палестини, го отвори Информативниот ден на НАТО програмата, на кој учествуваа експерти од НАТО предводени од Палестини, претставници на академската заедница во Северна Македонија, како и невладиниот сектор.
Петровска посочи дека идејата на НАТО за развој на оваа програма е да ги охрабри невоените, односно како што рече, цивилните аспекти на науката во служба на науката и безбедноста базирана врз пристапот на почитување на човековите права.
Програмата, посочи таа, ги поврзува научниците, експертите, како и службениците на НАТО и нејзините партнерски земји, за да се справат со предизвиците преку научно истражување и размена на експертско знаење.
– Покрај гарантираната безбедност и можноста за домашните компании да настапат на НАТО пазарот, овде денес ќе бидат презентирани непрегледаните можности на научно вмрежување, меѓусебната поддршка во развојот на иновациите и технолошкиот напредок, како и размената на знаење. Во свет кој исклучително брзо се менува непходни ни се науката и разумот како темелни вредности и најмал заеднички содржател на компромисот, кој треба да го постигнат низа на општествени чинители, рече Петровска.
Шефот на Одделот за управување и координација на НАТО програмата „Наука за мир и безбедност“, Клаудио Палестини, истакна дека по пристапувањето на земјава во Алијансата во 2020 година, 30 цивилни претставници ги имаат унапредено своите капацитети во справување со кипер одбраната.
– Северна Македонија учествуваше во повеќе проекти, ние сме горди што претставниците од Центарот за управување со кризи дадоа свој придонес и ги унапредија своите одговори во корона вирусот. По нејзиното пристапување во НАТО во 2020 година имавме голем број обучувачи, односно 30 цивилни претставници коишто на еден начин ги унапредија своите капацитети во справување со кипер одбраната. Ние сме среќни што можеме да кажеме дека Северна Македонија е наш сојузник и истражувачите имаат навистина простор и можност за растење во програмата, истакна Палестини. ра/аа/
Фото: МИА Принтскрин