• недела, 22 декември 2024

Петровска: Во Собранието е блокиран закон кој носи многу погодности за функционирањето на Министерството за одбрана

Петровска: Во Собранието е блокиран закон кој носи многу погодности за функционирањето на Министерството за одбрана

Скопје, 8 февруари 2024 (МИА) - Еден голем сериозен проект на Министерството за одбрана кој носи бенефити за вработените во Министерството е блокиран со над 1.000 амандмани. Тој е важен заради тоа што дава многу поголема можност да се менаџираат процесите во Министерството, а најважниот, она со што секојдневно се соочуваме е пополнување на кадарот кој е критична специјалност, а тоа се информатичарите кои нам ни се суштински неопходни заради гарантирање на системот за сајбер-одбрана, посочи вечерва министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Таа во „Само интервју“ на Канал 5 покрај за блокирањето на Законот за вработените во Министерството за одбрана зборуваше и за модернизацијата на Армијата, набавката на нова и модерна опрема и поддршката за Украина.

Петровска додаде дека блокираниот закон носи и други погодности како стипендирањето на млади кадри, но и подобрување на статусот на постојните вработени за кои истакна дека изминатиот период работеа на градењето на системот на одбрана на оваа држава и дека се луѓето кои ја внесоа земјава во НАТО. Повтори дека е подготвена за суштинска дебата за подобрување на текстот на законот, а за поднесените несуштински амандмани рече дека укажуваат дека интерес за таква дебата нема.

-Пред формално да го поднесам законот до Владата, па потоа Владата да го препрати законот до Собранието, неофицијално го дадов текстот на законот во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и кажав дека сум расположена политички да работиме заедно на подобрување. Забелешки колку што јас знам за тој закон немаат, истакна Петровска.

Во однос на донациите за Украина, министерката порача дека негативните одлуки за донација се носат кога опремата која е побарана е дел од формацијата на Армијата и информираше дека на последната седница на Владата, на последното барање било одговорено позитивно.

За модернизацијата на Армијата, информираше дека првата испорака на оклопните возила Страјкер е планирана за 2025 година, како и дека понудата за набавка на осум нови хеликоптери за Армијата од компанијата „Леонардо“ е избрана како најсоодветна и истакна дека исклучително важно е што побрзо да се склучи договорот за набавка, и додаде дека испораката согласно плановите се очекува за 2028 година.

Потенцираше дека согласно Рамковната спогодба склучена со фирма од Чешката Република, склучена по принципот Влада-со-Влада, голем дел од воздухопловната флота се става во функција и дека по враќањето на два хеликоптери од ремонт што согласно плановите ќе се реализира во април оваа година, во функција ќе бидат пет транспортни хеликоптери, како и хеликоптерите Бел и авионите од типот Злин.

Министерката се осврна и на производството на дронови за кое рече дека е проект на приватна компанија, АТС – груп која согласно потпишаниот Меморандум за соработка ќе има стручна помош од професионалците во Министерството и Армијата и изрази очекување наскоро и овие дронови да бидат дел од формацијата на Армијата.вј/нд/

Фото: Министерство за одбрана

 

Остани поврзан